Епидемија на западно-нилска треска е прогласена во скопските општини – Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден. Здравствените власти убедуваат дека нема место за паника и апелираат да се почитуваат мерките за лична заштита од Западно-нилска треска.
Во земјава, од почетокот на годината се евидентирани 26 пациенти заболени од Западно-нилска треска, а еден заболен починал.
Починатиот пациент бил 83-годишна возраст од Скопје, кај кого е утврдено и дијагностички потврдено дека има невроинвазивна форма на вирусот Западен Нил. Пациентот имал и доста придружни заболувања, го соопшти денеска доктор Фадил Цана, директор на Клиниката за инфективни болести во Скопје, на заедничката прес-конференција со заменик министерот за здравство Јовица Андовски и претставниците од Институтот за јавно здравје и Центарот за јавно здравје Скопје.
– Тоа што исто така јавноста треба да го знае е дека уште пет пациенти се во тешка клиничка слика и се наоѓаат во одделот за интензивно лекување и се на механичка вентилација. Клиниката досега се справува успешно, значи има капацитет за дијагностика и лекување на сите овие пациенти – истакна Цана.
Тој информираше дека во текот на оваа година вкупно на Клиникава за инфективни болести биле и се хоспитализирани 29 пациенти сомнителни на невроинвазивна форма на Западен Нил. Дваесет и пет биле лабораториски потврдени.
– Тие пациенти нормално се третираат на Клиникава за инфективни болести. Четири од нив се водат како се уште суспектни случаи и кај нив е во тек дијагностичката постапка.Треба да кажам дека од вкупниот број на пациенти досега – значи и тие пациенти биле со невроинвазивна форма – 8 пациенти се излекувани и испишани и се во домашно закрепнување – соопшти Цана.
Доктор Марија Гочевска од Институт за јавно здравје рече дека заклучно со 11 август 2026 година, од вкупно 26 случаи, од кои 24 се потврдени, а два се веројатни, 25 се од Скопје, а еден е од Велес.
Сите случаи се на поголема возрасна група, односно над 60 години – 22 случаи, а 4 лица се на возраст од 50 до 59 години. Станува збор за случаи коишто се автохтони тука од нашата држава, со податок кај едно лице за патување во Грција, меѓутоа периодот на инкубација не го исклучува и престојот во земјава во тој период.
– Од случаиве, во изминатата недела до 11-ти август, регистрирани се 13 нови случаи на Западно-нилска треска. Сите случаи, вклучително и овие од оваа недела, се со невроинвазивна форма и сите се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести, со исклучок на еден случај којшто е хоспитализиран во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Во текот на оваа недела, пријавени се 13 нови случаи, појасни Гочевска.
Д-р Златко Арсениевски од Центарот за јавно здравје Скопје информираше дека вчера е прогласена епидемија на одредени зафатени општини во градот Скопје – Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден, како и населбите Драчево, Пржино, Долно Лисиче, Кадино, и Јурумлери.
Заменик министерот за здравство, Јовица Андовски, на прес конференција нагласи дека здравствените власти навремено и транспарентно ја информираат јавноста за состојбата со западнонилската треска.
– Ова не е ново заболување, присутна е и во текот на претходни години, а годинава заради актуелната епидемиолошка состојба, бројот на потврдени случаи и активноста на вирусот, наметнаа потреба од засилен институционален одговор. Ја следиме состојбата во координација со Институтот за јавно здравје, Центрите за јавно здравје, Комисијата за заразни болести и Клиниката за инфективни болести, со цел навремено да ги идентификуваме и третираме случаите, како и да спречиме појава на нови случаи, истакна Андовски.
Тој порача дека нема место за паника, туку има потреба од внимателност и одговорност, односно граѓаните да преземаат мерки за лична заштита, носење соодветна облека, како и избегнување на места каде е најголема изложеноста на комарци.
Од тоа што е досега направено во следењето на оваа конкретна заразна болест до прогласување на епидемијата, како што беше посочено, се вонредната терестричка адултицидна дезинсекција на подрачјето на населба Драчево кога биле забележани зголемен број на случаи на таа територија, но и предвидените вонредни ларвицидни и адултицидни дезинсекции на истата територија во наредните денови.
На страна дезинсекцијата – ларвицидна и адултицидна, една од активностите ќе биде и кон самото население – дали преку медиумско информирање, дистрибуција на флаери, подигнување на комуникација во правец на намалување на бројот на векторите, на комарците. Една од мерките предвидува и отстранување на сите оние садови, предмети или делови каде што се собира водата, каде што можат да се развијат комарците, сите оние површини како базини, фонтани или други останати водени површини. Во правецот на тоа и институциите може да се вклучат во отстранување на бари или застоена вода, но, пред сè, да се покрене таа свест кај населението за тоа како векторот е присутен и колку е присутен во нивното опкружување – беше кажано на прес-конференцијатата во Министерството за здравство.
Извор МИА
Фото Економија и бизнис








