Продолжува процесот на зелена и дигитална трансформација на Крушево

Продолжува процесот на зелена и дигитална трансформација на Крушево

Во последните години, Општина Крушево заедно со локалните бизниси преземаат стратешки чекори за позиционирање на градот како одржлива туристичка дестинација преку целата година. Со поттикнување на соработка помеѓу јавниот и приватниот сектор, поддршка на еколошки свесни практики и зачувување на богатото културно наследство, Крушево се развива во пример за одржлив и регенеративен туризам, кој успешно ги следи најновите светски трендови.

Денешниот настан го означува продолжувањето на зелената и дигиталната трансформација на градот, постигната со посветеноста на локалната заедница и долгорочната поддршка на Швајцарската Амбасада преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ. Презентирани беа иницијативи како процесот на сертификација за зелена дестинација, активностите на здружението „Крушево Грин“ во реактивирање на Туристичкиот информативен центар, дигиталната платформа „Доживеј го Крушево“, како и најавата за процесот за подобрено управување со отпадот, во соработка со Пакомак.

„Крушево денес е доказ дека авантурата, културата и одржливоста можат да се спојат во единствен туристички производ. Со заеднички напори создадовме услови градот да биде дестинација преку целата година, која не само што привлекува туристи, туку и го поттикнува локалниот економски развој.“ – истакна градоначалникот г. Чонески.

Во своето обраќање заменик-амбасадорката на Швајцарија, Михал Харари истакна дека „Повеќе од една деценија, Швајцарија преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ обезбедува постојана поддршка за Крушево. Воспоставувањето на процес за сертифицирање како зелена дестинација, работењето на „Крушево Грин“ и поставуваерто на функционална дигитална платформа се силни примери за тоа како заедницата станува лидер во одржливиот развој.“

Единаесет локални бизниси веќе се стекнаа со сертификати за зелени бизниси од меѓународната организација „Зелени дестинации“, потврдувајќи ја нивната посветеност кон еколошки одговорни практики и одржлив развој. Оваа успешна приказна, приватниот сектор ќе ја претстави и на претстојната конференција „Зелени дестинации“ во Крањ, Словенија, дополнително зајакнувајќи ја меѓународната видливост и соработка на Крушево во областа на одржливиот туризам. 

Дигиталната платформа „Доживеј го Крушево“ им овозможува на посетителите на сеопфатен начин да ја откријат туристичката понуда на градот. „Оваа платформа е чекор напред во управувањето со туризмот. Таа нуди ексклузивни придобивки за туристите кои ја плаќаат локалната туристичка такса и создава поврзан екосистем меѓу туристите, бизнисите и Општината. Со ова решение, Крушево добива и алатка за анализа на податоци што ќе овозможи поефикасно и одржливо управување,“ нагласи проф. д-р Димитар Ташковски, раководител на ИНОФЕИТ ЕДИХ.

Претседателката на здружението „Крушево Грин“, Леонора Т. Крстеска, додаде дека „Туризмот не опфаќа само сместувачки капацитети и искуства, туку и културното богатство на една земја. Туризмот го вклучува фолклорот и сѐ она што е автентично за дестинацијата. Затоа нашата задача и цел  е уште поголема и посериозна – да ги претставиме овие богатства во најдобро светло и истите да ги заштитиме. Крушево е дестинација која мора задолжително да се посети, а „Крушево Грин“ е тука за да обезбеди понуда каква што Крушево заслужува. Токму со зелената агенда дополнително се заштитува сето она што Крушево го нуди и е автентично.“

Како значаен чекор во воспоставувањето на систематски и одржлив процес на управување со отпад во Крушево, комуналното претпријатие во рамките на општината во соработка со ИМЕ и Пакомак, ќе постават преса за отпад, со што ќе се овозможи ефикасно сортирање на отпадот од пластика, стакло, алуминиум и понамошно рециклирање што повеќекратно ќе го намали отпадот во депонијата, со негова обработка во поеколошка форма на биоотпад. Ваквиот пристап не само што го намалува негативното влијание врз животната средина како предуслов за успешен одржлив туризам во дестинацијата, туку и го зајакнува партнерството меѓу институциите и приватниот сектор, поставувајќи темели за долгорочни и одржливи практики во управувањето со отпад.

Со интегрирање на зелените иницијативи, дигиталните иновации и силната заложба на локалната заедницата, Крушево се позиционира како модел за одржлив развој во регионот односно инклузивна и еколошки одговорна туристичка дестинација, во текот на сите четири сезони.

Повеќе од истиот автор

Најчитано