Приходи, работни места и зголемен извоз – металургот Начевски ги дефинира придобивките од инвестициите како Иловица

„Статус-кво состојбата во рударството значи дека Македонија губи повеќе отколку што добива – губиме потенцијални инвестиции, нови работни места и можност да се позиционираме како регионален снабдувач на критични минерали“, оценува претседателот на Здружението на металурзи и универзитетски професор Горан Начевски. Во интервју за А1он, тој вели дека во исто време, државата останува надвор од глобалните синџири на снабдување, што ја намалува нашата економска и стратешка тежина. Од друга страна, според Начевски, интересот од странски инвеститори постои и е континуиран, што се потврдува преку бројните геолошки истражувања и концесии доделени во изминатите години, но јавноста често е поделена поради еколошките ризици и потребата од строги стандарди за заштита на животната средина. Еден од таквите проекти е и рудникот за бакар во Иловица.

„Проектот Иловица претставува една од најголемите потенцијални рударски инвестиции во Македонија во последните децении. Неговото значење се огледува во можноста за отворање нови работни места, зголемување на извозот, приходи во државниот буџет, локален економски развој и интеграција на земјата во европските синџири за снабдување со критични суровини. Од друга страна, разбирливо е што дел од јавноста изразува загриженост за можните влијанија врз животната средина, земјоделството и водните ресурси. Тие стравувања не треба да се игнорираат, но треба да се разгледуваат врз основа на стручни студии, техничка документација и независни експертски анализи. Доколку инвеститорот вложи во најсовремени технологии за заштита, проектот може да биде во функција на економијата без да ја загрози животната средина“, нагласува металуршкиот инженер Начевски.

Тој потенцира дека со јасна државна политика и поддршка, Македонија може да стане регионален снабдувач на одредени суровини и да ја засили својата улога во европските синџири на снабдување.

„Секое подолготрајно статус-кво носи одредена цена. Во услови кога глобалната побарувачка за критични минерали расте, државите кои не ги развиваат своите ресурси ризикуваат да пропуштат инвестиции, нови работни места, технолошки развој и дополнителни буџетски приходи. Истовремено, развојот не смее да биде по секоја цена. Потребен е баланс помеѓу економските придобивки и заштитата на животната средина. Токму затоа улогата на експертската јавност е исклучително важна. Засега, дискусијата во јавноста најчесто ја водат лица кои не се од фелата, што создава простор за недоразбирања и поларизација. Во иднина очекувам поголемо присуство на универзитетските професори, металурзите, инженерите по рударство, геолозите, еколозите и другите стручни лица во јавната дебата. Прашањата поврзани со минералните ресурси се премногу значајни за да бидат сведени само на политички или емоционални расправи. Најдобрите решенија се носат кога одлуките се темелат на наука, факти и професионална експертиза. Само со стручна и транспарентна дебата може да се донесат одлуки што ќе бидат и економски рационални и еколошки одговорни“, истакнува Начевски.

Професорот потенцира дека последните неколку години јасно покажале дека минералните суровини не се само економско прашање, туку и прашање на национална безбедност, енергетска стабилност и технолошки развој.

„Бакарот, литиумот, никелот, кобалтот, благородните метали (злато, сребро, платина), ретките земни елементи и други критични минерали се основа за производството на батерии, електрични возила, обновливи извори на енергија, дигитални технологии и современа одбранбена индустрија. Денес сè поочигледно е дека контролата врз минералните ресурси претставува еден од клучните геополитички фактори во светот. Војната во Украина, тензиите на Блискиот Исток, како и долгогодишните геополитички притисоци поврзани со ресурсите во Венецуела покажуваат дека минералните и енергетските суровини се значаен елемент во современите меѓудржавни конфликти. Иако причините за овие конфликти се комплексни и не можат да се сведат само на минералните ресурси, неспорно е дека пристапот до критични суровини, енергенси и стратешки материјали има големо влијание врз надворешната политика, безбедносните стратегии и економските интереси на големите сили. Затоа денес сè почесто се зборува за „геополитика на минералите“, каде државите настојуваат да обезбедат сигурни извори на снабдување со бакар, литиум, никел, благородни метали, ретки земни елементи и други критични минерали неопходни за индустријата, одбраната и зелената транзиција“, заклучува Начевски.

Според него, Македонија сè уште не е активен играч во глобалната трка за критични минерали, но поседува значајни геолошки потенцијали кои можат да ја позиционираат како регионално важен снабдувач на одредени метални суровини, но кај нас сè уште металургијата и рударството не се третираат како стратешки сектори во функција на економскиот развој, енергетската транзиција и интеграцијата во европските синџири на снабдување.


(комерцијален текст)

Повеќе од истиот автор

Најчитано