ПОЧИНА УШТЕ ЕДЕН ПАЦИЕНТ ОД ЗАПАДНОНИЛСКА ТРЕСКА, вкупно четири лица починаа од западнонилска треска во земјава

Уште еден пациент во тешка здравствена состојба кај кого претходно лабораториски беше потврдена невроинвазивна форма на западнонилска треска почина на Универзитетската клиника за инфективни болести. Хоспитализирани се 20 пациенти со западнонилска треска од кои 18 се лабораториски потврдени случаи, додека два случаја се водат клинички како суспектни. На интензивна нега се пет пациенти со потешка клиничка слика и кај нив се одвива лекувањето според сите клинички протоколи, изјави денеска директорот на Клиниката, Фадил Цана.

Тој посочи дека починатиот бил на возраст од 76 години и се лекувал 27 дена на Клиниката, но поради дополнителните придружни сериозни заболувања и тешката невроинвазивна форма на мозокот и мозочната обвивка во доцните попладневни часови настапи летален исход.

Вкупно четири лица починаа од западнонилска треска во земјава,  а 15 се излекувани и се отпуштени од Клиниката за инфективни болести.

– Тоа што и ние како клиничари го предвидувавме со вчерашниот ден се потврди дека кај 25-годишната пациентка која се водеше како клинички суспектна, се потврди невроинвазивна форма на инфекција. Но, во меѓувреме синоќа е хоспиталзииран и 24-годишен пациент, кој се води како суспектен случај и во текот на денешниот или утрешниот ден ќе знаеме дали ќе се потврди клиничката дијагноза. Тој живее во Центар, рече д-р Цана.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали секој потврден позитивен случај мора да се лекува болнички или може да се третира амбулантски рече дека невроинвазивната форма мора да се лекува болнички.

– Сите кои се хоспитализирани на клиниката се со невроинвазивна форма. Тие се еден процент од 100 отсто заболени. Според статистиката, најтешка форма на болеста развиваат еден отсто од вкупниот број инфицирани. Сите пациенти се од Скопје. Медицински напреднатата возраст е независен ризик фактор за лошиот исход на оваа болест. Според сите статистики и истражувања досега е утврдено дека кога има тешка невроинвазивна форма на воспаление на мозокот и мозочната обвивка напредната возраст е независен ризик фактор кој може да доведе до лош исход, додаде д-р Цана.


Извор МИА

Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано