Поради отпорот кон вакцинацијата во богатите земји, денес целосното искоренување на малите сипаници како глобална закана за јавното здравје повеќе не е изводливо, изјави Бил Гејтс во интервју за Ројтерс.
Коосновачот на Мајкрософт и милијардер филантроп истакна дека бришењето на смртоносната детска болест од лицето на земјата претходно беше една од можните цели на неговата фондација, која се занимава со глобалното здравје и најсиромашните луѓе во светот.
Но, тој план сега е целосно напуштен токму поради растечкото двоумење и одбивање за вакцинирање во развиените земји. Тоа е бран на скептицизам што со децении беше застапуван кај дел од граѓаните и експертите во САД.
-Во еден момент, фондацијата сакаше да ги искорени малите сипаници, но поради отпорот кон вакцинацијата во богатите земји, тоа повеќе не е на нашата листа на цели. Мислам дека е трагично на некој начин, рече Гејтс.
Пред воведувањето на вакцината во 1960-тите, овој вирус убиваше околу два милиони деца секоја година. Денес, околу 100.000 деца умираат од мали сипаници секоја година, главно во земји каде што војната или логистичките пречки ја спречуваат вакцинацијата. Светската здравствена организација (СЗО) нагласува дека покриеноста со вакцинација мора да биде поголема од 95 проценти за да се спречат епидемии.
Сепак, во последниве години, има нагло зголемување на бројот на случаи дури и во земји каде што болеста веќе беше речиси заборавена, вклучувајќи ги САД и Европа, токму поради падот на стапките на вакцинација, пренесува Индекс.хр.
Фото Економија и бизнис








