Националната фабрика за вештачка интелигенција – ВЕЗИЛКА утре ќе биде официјално претставена. ВЕЗИЛКА е воспоставена во рамки на Европската заедница за пресметување со високи перформанси (EuroHPC JU – European High Performance Computing Joint Undertaking) и ко-финансирана од Европската унија преку програмата Horizon Europe. Проектот го координира Факултетот за компјутерски науки и инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје (УКИМ), во соработка со Министерството за дигитална трансформација.
На настанот, најавен за 12 часот во хотел Александар Палас во Скопје, ќе се обратат премиерот Христијан Мицкоски, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, ректорката на УКИМ проф. д-р Билјана Ангелова, деканот на ФИНКИ проф. Петре Ламески и амбасадорот на Европската унија во државава Михалис Рокас.
Визијата, целите и очекуваното влијание на ВЕЗИЛКА ќе ги претстави раководителот на проектот проф. д-р Димитар Трајанов, по што ќе се одржи панел на тема „Вештачката интелигенција како мотор за економски развој“.
– Преку стратешкото партнерство со AI Фабриката Pharos во Грција, ВЕЗИЛКА ја вклучува Северна Македонија во европскиот екосистем за вештачка интелигенција и придонесува кон европската визија за доверлива, иновативна и вештачка интелигенција со човекот во центарот. Во време кога вештачката интелигенција ги преобликува економиите, јавните услуги и општествата ширум светот, застапеноста на помалите јазици и локалните знаења стана стратешки приоритет. ВЕЗИЛКА одговара на овој предизвик преку развој на збирки податоци на македонски јазик, отворени ресурси и одговорни практики за вештачка интелигенција кои поддржуваат иновации и ги одразуваат националните вредности, информира тимот на ВЕЗИЛКА.
Оваа иницијатива, посочуваат, претставува важен чекор кон зајакнување на дигиталниот суверенитет, забрзување на дигиталната трансформација, поттикнување на иновациите во јавната администрација, подобрување на одлучувањето засновано на податоци и создавање можности за истражување, претприемништво и технолошки развој. Исто така, има за цел да ја зајакне соработката меѓу јавните институции, универзитетите, истражувачките центри, организациите на граѓанското општество и деловната заедница.
Пред официјалната програма, ќе може да се посети интерактивна изложбена зона: ВИ во здравството – практични примени на вештачката интелигенција во здравствени услуги, аналитика и поддршка при одлучување, Отворени податоци и јавни услуги – иницијативи за транспарентност, отворени податоци и дигитални услуги ориентирани кон граѓаните, Европски дигитален иновациски хаб (EDIH) – можности, проекти и механизми за поддршка за институции, компании и иноватори, Донирај дигитална содржина – придонеси кон дигитализацијата на македонскиот јазик и култура на doniraj.vezilka.ai и Пресметување со високи перформанси – трансфер на HPC технологии, знаење и експертиза меѓу индустријата (SME), академијата и јавниот сектор (hpc.mk).
Фото: ВЕЗИЛКА








