Општина Лозово изгради огромен парк „Македонија“ со околу 14 илјади метри квадратни, на чија површина го има осумкракото државно македонско знаме, а којшто ќе биде пуштен во употреба на 8 Септември.
Градоначалникот на Лозово информира за МИА дека деновиве се работи на доуредување на површините и на озеленување на паркот. Тој вели дека глетката ќе биде уште поубава ноќе ако Лозово се надлетува со авион, со што паркот „Македонија“ во Лозово според него ќе претставува една нова туристичка атракција за регионот и за земјава.
Паркот е финансиски изграден со средства од Општина Лозово и со поддршка од Владата преку унгарскиот кредит.
Во паркот „Македонија“ се планирани две зони, од кои во првата зона се планира поставување детски реквизити за забава, а на втората – фитнес справи за вежбање, за што Општина Лозово ја очекува поддршката од Министерството за спорт.
Во паркот освен дрвја и друг виd зеленило има поставено партерно уредување со клупи, украсни жардињери и корпи за отпадоци, а има и патеки за посетителите направени од бехатон плочки. Во дел од паркот поставени се системи „капка по капка“ за наводнување, со кои се наводнува новозасадената трева и останатото зеленило.
Општината планира понатаму во паркот да засади и нови дрвца како јапонски цреши и други. Градоначалникот исто така планира во паркот да се постават и безбедносни камери.
Во околината на овој парк „Македонија“ Општина Лозово неодамна изгради и повеќенаменско игралиште со тартан подлога како и други спортски терени.
Извор/фото МИА








