Од антимон до бакар: Македонија ги истражува своите критични минерални ресурси

Критичните минерали имаат сè поголемо значење за глобалната економија, технолошкиот развој и енергетската транзиција. Ова се констатира во новиот извештај на ОЕЦД, кој укажува дека побарувачката за овие суровини е на рекордно високо ниво.

Организацијата предупредува дека развојот на глобалните синџири на снабдување се соочува со предизвици во рударството и преработката на минералите. Како дел од мерките за намалување на ризиците, ОЕЦД препорачува следење на потеклото на минералите, сопственоста на клучните капацитети и нивното движење низ синџирот на снабдување.

Важна препорака е и утврдувањето на националните капацитети, што би им овозможило на државите подобро да ги планираат ресурсите и развојните политики.

Северна Македонија има активности поврзани со истражување на антимон и бакар. Во близина на Крива Паланка се спроведува геолошко истражување за утврдување на количината на антимон. Истражувањето е финансиски поддржано преку Стратешкиот дијалог со САД и се одвива на локација каде што антимонот се експлоатирал во минатото.

Во меѓувреме, Иловица се издвојува како потврдено наоѓалиште на бакар со постоечки инвестициски план. Истражувањата започнале со дозволата за детални геолошки истражувања издадена во 2004 година.

Тестирањата покажале искористување од 84 проценти за бакарот, додека предфизибилити студијата предвидува годишно производство од 16 илјади тони. Во документот се наведуваат 237 милиони тони ресурси и резерви и 225 милиони тони руда.

Според инвеститорот, комплексот Иловица–Штука е дизајниран како модерен рудник кој ги интегрира принципите на Агендата на ОН 2030 за одржлив развој.

Токму бакарот е еден од металите за кој изминатиов период се почесто се зборува на светско ниво, поради рекордните цени поттикнати од високата побарувачка на индустријата. Овој проблем резултира и со несекојдневни чекори помеѓу конкурентски компании кои веќе започнаа да потпишуваат и Меморандуми за соработка за проекти за ископ на бакар. Австралиската компанија BHP, најголемата светска рударска компанија, и KGHM – Полска, ги здружија силите во потрагата по нови наоѓалишта на бакар ширум светот. KGHM е вториот најголем светски производител на сребро и најголемиот производител на бакар во Европската Унија, со активности во Полска, како и во САД, Канада и Чиле. BHP управува со големи рударски и ресурсни проекти низ Австралија, Канада, Чиле, Перу, Бразил и Соединетите Американски Држави.

„На светот ќе му биде потребен повеќе бакар, поради традиционалниот економски раст, но и енергетската транзиција и дигиталните инвестиции. Фокусирани сме на остварување раст со висок принос преку иновативни партнерства како ова“, изјави Брендон Крејг, извршен директор на BHP.

„Меморандумот за разбирање обезбедува платформа за соработка меѓу KGHM и BHP и го одразува нашиот заеднички интерес за размена на гледишта и истражување на потенцијални можности за идна соработка. Размената на искуства меѓу рударските компании што работат во различни региони и јурисдикции би можела да донесе придобивки за целата индустрија“, оцени Ана Собиерај-Козакјевич, потпретседателка на KGHM.

Инаку, за да се надминат проблемите со потеклото и недостигот од критични минерали, ОЕЦД препорачува повеќе мерки.

„Сегашните алатки за следење на критични минерали остануваат фрагментирани, при што многу системи се развиваат во рамките на поединечни компании, а не преку сеопфатни рамки достапни низ целата индустрија. Таа фрагментација може да оневозможи да се дознае кој ги контролира критичните минерали. Трговците имаат највисоки стапки на имплементација на системи за следење, додека рударите имаат најниски. Компаниите, исто така, се соочуваат со трошоци и оперативни проблеми. Испитаниците во анкетата на OECD рекоа дека главен приоритет треба да биде поголема регулаторна конзистентност и споделувањето на податоците помеѓу земјите, со компаниите и со јавноста“, се потенцира во извештајот.

На краток рок, Организацијата бара владите повеќе да ги користат системите што им се на располагање – да ги мапираат добавувачите и билатералните договори за минерали. На среден рок, властите ќе треба да ги зајакнат податоците, ангажирајќи се повеќе со производителите, берзите и топилниците. Долгорочните мерки би барале меѓународна соработка за споделување на податоци за прекугранично следење и усогласување на стандардите. ОЕЦД соопшти дека клучна е соработката и меѓу организациите, вклучувајќи ги Г7 и Меѓународната агенција за енергетика, заедно со трговските партнери, како и Европската Унија.


(комерцијална објава)

Повеќе од истиот автор

Најчитано