Ново партнерство на Семос Едукација и MKJOB за подобра подготовка на младите за вработување

Првата заедничка активност ќе се одржи на 16 јули во рамките на Career Connect 2026

Семос Едукација и MKJOB, AI платформа за вработување во Македонија, потпишаа договор за соработка со кој на студентите и младите професионалци ќе им овозможат полесен пристап до можности за вработување, практични кариерни алатки и информации за потребите на современиот пазар на трудот.

Соработката е насочена кон подобра подготовка на младите за почеток и развој на нивната кариера, преку запознавање со вештините што ги бараат работодавачите, практични совети и користење современи дигитални алатки при барањето работа.

„Во Семос Едукација веруваме дека образованието не завршува со стекнување сертификат или диплома. Подеднакво важно е студентите да знаат како стекнатото знаење да го применат и како успешно да го направат првиот чекор во својата професионална кариера. Партнерството со MKJOB е уште еден начин да ѝ понудиме дополнителна вредност на нашата алумни заедница и конкретна поддршка во процесот на вработување“, изјави Ивона Игнатоска од Кариерниот центар при Семос Едукација.

Првата заедничка активност е закажана за 16 јули 2026 година, во рамките на традиционалниот настан Career Connect 2026, наменет за алумни заедницата на Семос Едукација.

На настанот, претставници на MKJOB ќе презентираат анализа на повеќе од 1.200 огласи за вработување, со фокус на најбараните вештини и компетенции кај кандидатите во 2026 година, а ќе учествуваат и на панел-дискусијата „Што очекуваат работодавачите од кандидатите за почетни позиции?“. Преку искуства од компаниите и практични совети, учесниците ќе добијат подобар увид во очекувањата на работодавачите и во тоа како поуспешно да се претстават при барањето работа.

Како дел од Career Platform Lab, студентите ќе имаат можност да работат на креирање на своето прво CV, да се запознаат со AI алатките интегрирани во платформата MKJOB и да креираат сопствен професионален профил. Преку веб и мобилната апликација, платформата овозможува креирање профил, пристап до препорачани огласи, поголема видливост пред работодавачите и користење кариерни ресурси.

„Еден од предизвиците со кои се соочуваат младите при влезот на пазарот на трудот е како стекнатото знаење и вештини да ги претстават пред потенцијалните работодавачи. Преку ова партнерство сакаме да им понудиме алатки и поддршка за градење професионален профил и полесно препознавање на можностите што одговараат на нивните знаења, вештини и интереси“, изјави Александар Кочовски од MKJOB.

Партнерството меѓу Семос Едукација и MKJOB ќе опфати едукативни настани, кариерни работилници и анализи на пазарот на трудот, со цел знаењето стекнато во процесот на образование полесно да се поврзе со реалните потреби и можности за вработување.

Повеќе од истиот автор

Најчитано