Предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун или сродни производи вчера помина во прво читање на пленарна седница во Собранието. Ова е уште еден важен институционален чекор кон посилна заштита на јавното здравје, особено на децата, младите, непушачите и сите граѓани кои имаат право на здрав и безбеден јавен простор. Законот ја следи реалноста на денешното време, во кое, покрај класичните цигари, постојат електронски цигари, загреани тутунски производи и нови форми на никотински производи, кои бараат современа и јасна регулатива, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу, се вели во соопштението од Министерството за здравство.
Тутунот е поврзан со над 3.600 смртни случаи годишно, а економските загуби се проценуваат на над 600 милиони евра годишно. Особено загрижувачки се статистичките податоци, кои покажуваат дека 13,6 % од младите од 13 до 15 години користат тутунски или никотински производи, 57 % од учениците се изложени на туѓ чад во затворени јавни простори, а 73 % од младите пушачи изјавиле дека не биле спречени да купат цигари поради возраста.
Овој закон е за здравјето на граѓаните и за иднината на нашите деца. Со него се воведуваат појасни правила за терасите, поголема заштита во здравствените, образовните и детските установи, ограничувања за пушење во присуство на деца, како и сеопфатна забрана за рекламирање и промоција, вклучително и преку онлајн-платформите и социјалните мрежи. Здравјето нема цена и нема алтернатива, додава министерот Алиу.
Воедно, тој додава дека зад изготвувањето на ова законско решение стои макотрпен, инклузивен и исклучително одговорен процес на широки консултации со сите засегнати страни и чинители во рамките на кој беа одржани 7 работни состаноци со тутунската индустрија, 5 состаноци со угостителскиот сектор, усогласувања со државните институции и со дури 14 инспекциски и надзорни органи. Воедно, преку ЕНЕР беа детално разгледани 58 коментари од граѓани, трговци и експерти.
извор МИА








