Вандалски чин извршен во текот на ноќта во најголемото штипско основно училиште „Ванчо Прќе“ утринава ја прекина наставата за над 1.100 ученици од прво до деветто одделение. На фејсбук профилот на Општинското основно училиште „Ванчо Прќе“ од утринава стои објавата „ги известуваме сите родители дека денес немаме настава во училиштето од оправдани причини“.
Според првичните информации на МИА штета во ова училиште е голема, а во моментов во него има полициски службеници, кои вршат истрагата. Надлежните велат дека во тек е истрагата и повеќе информации ќе има во текот на денот.
Директорот на ООУ „Ванчо Прќе“ Кокан Радев вели дека се уништени смарт табли, табли, инвентар, компјутери. Вандалот со спреј и остар предмет ги правел штетите низ училиштето, а на ѕидовите со спреј испишал и недолчични пораки.
Тој истакна дека е направена голема материјална штета во кабинетите за предметна настава. Вандалот единствено не успеал да влезе во кабинетот по хемија, бидејќи бил заклучен. Радев вели дека според камерите инасталирани во училиштето вандалот влегол околу полноќ.
-Лицето влегува од страна на фискултураната сала, таму се задржува извесно време, не сакам да дадам колку време, бидејќи не сакам да дадам неточен податок. Потоа влегува во просториите каде што се учениците, каде се одвива наставата. Штетата е нанесена во делот од преметна настава, во поголемиот дел од кабинетите. Штетата е материјална проценката се уште трае и увидот. Нанесени се содржини со спреј на ѕидовите, на клупите, смарт табли, на таблите во училниците. Се работи за голема материјална штета- вели Радев.
Потврдува дека вандалскиот чин го сторило едно лице, според она што безбедносните камери во училиштето го имаат регистрирано.
-Една камера е испрскана со спреј. Но и самата таа камера додека трае тоа покривање на камерата со спреј го снима, во неколку пати се обидува, таа е високо посатвена за конечно да успее- рече Радев.
Тој истакна дека штетата е направена на катовите, каде што се одвива предметната настава за учениците од петто до деветто одделение.
-На приземјето нема штета, барем се уште не сме забележале, освен обивањето кое е на приземјето. Направена е штета на мал дел од првиот и на вториот и третиот кат- посочи Радев.
Тој се надева дека во наредните три дена ќе се адатпираат предметните кабинети за настава во училиштето, со што од понеделник би почнала редовната настава, за што дополнително ќе бидат известени родителите и учениците. Од раните утрински часови се одвива увидот од страна на истражните органи. Ова е прв ваков упад и вандалски чин во најголемото централно училиште во Штип.
Извор/фото МИА






