Предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун или сродни производи не беше изработуван ад-хок, ниту по принципот на сила, туку во еден инклузивен процес, заедно во консултации со сите засегнати страни, вели премиерот Христијан Мицкоски. Негова единствена цел е, како што нагласува, да има што е можно помалку лица кои конзумираат тутун. Нагласува дека нема да има повластени во однос на неговата примена без разлика во кои делови од градот или државата се наоѓаат. Очекува законското решение во вторник да се најде на седница на Влада и апелира тоа да биде што побрзо донесено.
Практично, целокупниот овој процес создаде еден производ од кој сите треба да бидеме поддеднакво незадоволни. Затоа што кога работите еден ваков закон, не можете сите да излезете поддеднакво задоволни, затоа што тоа не е возможно, тоа е алхемија, а ние не сме алхемичари, ниту пак чудотворци. Тој што вели дека е чудотворец, не ја говори вистината. Така што, мислам дека на крајот од целиот овој процес, сите ние имаме по малку некое мало, ограничено незадоволство, но сите сме среќни затоа што постигнавме еден заеднички компромис, рече Мицкоски кој заедно со министерот за здравство Азир Алиу има состанок со еснафските здруженија и заинтересирани страни по повод Предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун или сродни производи.
– Морам да признаам дека и до сега имаше одредени законски решенија коишто, за жал, не беа применувани онака како што сите ние очекувавме. Верувајте ни, инспекциите ќе бидат ригорозни на целата територија на државата. Ова го повторувам, на целата територија на државата, нема да има повластени региони, градови, населени места и така натаму, каде што ќе нема да се почитува законот. И за ова јас ви гарантирам и тука ќе нема ќе нема никаков пардон, рече Мицкоски.
Очекува дека доследната примена на овој закон ќе даде позитивни резултати кога станува збор за здравјето на на луѓето.
-Апелирам овој закон што е можно побрзо да се донесе. И уште еднаш би сакал јавно, еве овде да кажам, после овој наш состанок, дека нема да има повластени. Ако некој мисли дека ќе биде повластен, па бил близок со овој, оној, па нема да го почитува законот, па него немало да го фатат и слично, се лаже. Можете еднаш да поминете неказнети, ако не ве фатиме, па дури и вторпат, но третпат сигурно ќе бидете фатени и ќе бидете санкционирани. Така што, еве ова е мојата конечна порака, рече Мицкоски.
Извор МИА
Фото Економија и бизнис








