Со децении Плутон претставуваше само нејасна светлосна точка на небото, недостижна за подетални набљудувања. Ситуацијата драстично се промени кога вселенското летало на НАСА, по долгогодишно патување низ Сончевиот систем, конечно пристигна во негова близина. Тогаш научниците за првпат добија можност одблизу да го набљудуваат овој далечен свет и открија пејзажи од огромни ледени планини, бескрајни замрзнати рамнини и тенка, мистериозна атмосфера.
Плутон не е само безживотно небесно тело кое кружи во далечните предели на Сончевиот систем.Станува збор за сложен и динамичен свет кој продолжува да ги изненадува научниците. Меѓу другото, восхитува фактот што податоците и фотографиите од оваа мисија биле испратени од милијарди километри оддалеченост, додека на леталото му биле потребни девет години да стигне до својата цел.
Тој со децении се сметаше за најоддалечената и најмистериозната планета во Сончевиот систем. Откако беше откриен во 1930 година, тој беше вклучен во групата од девет планети кои тогаш го сочинуваа познатиот Сончев систем.Но, со напредок на астрономските истражувања и развојот на телескопите, научниците почнаа да откриваат нови факти кои укажуваа дека Плутон значително се разликува од останатите планети. Пресвртот се случил на почетокот на 21 век, кога астрономите во Кајперовиот Појас, област зад орбитата на Нептун исполнета со бројни ледени и карпести тела, открија објекти слични на Плутон, а некои од нив дури и поголеми. Овие откритија отворија нова научна дебата за тоа ако Плутон се смета за планета, дали и сите тие новооткриени светови треба да се сметаат за планети?
Во 2006 година, Меѓународната астрономска унија донесе одлука која предизвика голем интерес во јавноста и доведе до промени во образовните програми ширум светот. Беше усвоена нова дефиниција за планета според која едно небесно тело мора да исполнува три услови: да орбитира околу Сонцето, да има доволна маса за да добие речиси сферична форма и да ја има исчистено својата орбита од други објекти.
Плутон ги исполнува првите два критериума, но не и третиот. Неговата орбита е исполнета со бројни ледени и карпести тела од Кајперовиот Појас, кои тој не може гравитациски да ги отстрани поради својата релативно мала маса. Поради тоа, Плутон беше прекласифициран во категоријата џуџести планети. И покрај промената на статусот, интересот за Плутон не се намали.Тој стана уште поинтересен за научните истражувања. Значаен момент во неговото проучување беше мисијата „Нови хоризонти“, која во 2015 година прелета покрај Плутон и испрати фотографии и податоци досега невидени.
Снимките открија свет со изненадувачки разновидна површина. Меѓу највпечатливите форми се огромните ледени рамнини во облик на срце, високите планински венци составени претежно од мраз и тенката, слоевита атмосфера која се менува во зависност од положбата на Плутон во неговата орбита околу Сонцето. Овие откритија покажаа дека Плутон не е статичен и мртов свет, туку комплексно небесно тело со активни геолошки процеси и динамични атмосферски промени. Иако повеќе не се смета за планета во класична смисла, Плутон останува еден од најфасцинантните објекти во Сончевиот систем и важен предмет на современите астрономски истражувања.
извор МИА








