Осло ги забрани паметните очила во сите училишта: Не дозволуваме децата да бидат статисти за „Мета“

 Градските власти на Осло ги забранија паметните очила во училиштата во норвешката престолнина, оценувајќи дека не сакаат децата да станат „статисти во собирањето податоци на Мета“, соопшти денеска градската управа. Забраната се однесува на целиот училишен ден и важи за сите нивоа на образование.

– Ние, политичките претставници, мора да имаме храброст да бидеме искрени за тоа за што всушност станува збор: една од најбогатите компании во светот пласираше производ чиј деловен модел целосно се темели на тоа дека е невозможно да се знае кога некој ве снима. Во Осло не прифаќаме нашите деца да бидат статисти во собирањето податоци на Мета – изјави заменичката-градоначалничка задолжена за образование, Јулие Ремен Мидтгарден.

Мидтгарден, која е локална функционерка од редовите на конзервативците, упати остри критики до левичарската Влада, која во оваа фаза само ја разгледува можноста за забрана на функцијата за препознавање лица кај овие уреди и најави формирање стручна група за заштита на јавноста.

– Овие очила веќе се продаваат во Норвешка, денес се користат во училишните дворови низ земјата и проблемот постои сега. Анализирањето на прашањето не значи и дејствување – нагласи таа.

Паметните очила овозможуваат снимање фотографии и видеа, слушање музика, телефонски разговори, преведување написи на странски јазици, прикажување текст или мапи во видното поле, како и интеракција со интегриран асистент со вештачка интелигенција, а според извештаите, „Мета“ веќе подготвува и функционалност за препознавање лица.

Забраната во училиштата во Осло официјално стапи во сила уште на 27 август, но нејзиното јавно објавување беше одложено за денеска поради деновите на жалост и политичкиот молк што го договорија норвешките партии по смртта на кралот Харалд Петти на 28 август.

извор/фото МИА

Повеќе од истиот автор

Најчитано