Научниците откриваат: Светот некогаш зборувал десетици илјади јазици

Научниците откриваат: Светот некогаш зборувал десетици илјади јазици

Во светот денес, според научните проценки, се говорат околу 7.500 јазици, а најупотребувани се англискиот, мандаринскиот, хинди, шпанскиот, арапскиот и францускиот јазик.

Научниците користеле математичко моделирање и сознанија од антропологијата, лингвистиката и демографијата за да го проценат бројот на јазици што се зборуваат на светско ниво, коишто датираат од пред околу 12.000 години до крајот на последното ледено доба, опфаќајќи ја ерата наречена холоценска епоха или холоцен. Тие идентификувале период што ги опфаќа првиот милениум п.н.е. и првиот милениум н.е. кога човештвото зборувало десетици илјади различни јазици. Тоа лингвистичко „златно доба“ било скратено со експанзијата на големите империи во антиката и европскиот колонијализам во последните векови, велат научниците.

– Јазикот е важен за заедницата. Тие носат знаење, асоцијации и сеќавања – појасни Клер Бауерн, професорка по Лингвистика и антропологија на Универзитетот Јејл во Конектикат (САД) и главна авторка на истражувањето објавено во списанието „Сајенс“ (Science).

Истражувачите, имено, користеле податоци од 171 постоечка заедница на ловци-собирачи во Африка, Јужна Америка и Југоисточна Азија за да ја проценат големината на етнолингвистичките групи, од кои секоја претставува посебен јазик, близу почетокот на холоценот. Тие го примениле ова на проценки на човековото население во тоа време.

Луѓето биле распоредени низ целиот свет во мали групи, првично живеејќи како преселнички ловечко-собирачки орди, сè додека земјоделството не се развило и не го воспоставило седентарното општество и натамошните посложени култури. Научниците процениле дека, пред околу 12.000 години, овие расфрлани популации зборувале можеби 4.500 до 6.200 јазици.

Како што светското население следните неколку илјади години постепено растело и како што се менувале општествата, бројот на јазици се зголемувал.

– Kогa населението расте, а земјоделството создава седечки (седентарни) заедници е совршена за развој на многубројни мали јазици… Старите јазици може да еволуираат во нови јазици, како што е латинскиот – јазикот на античките Римјани, од којшто пак, произлегле други јазици, како што се француски, италијански, романски, реторомански и шпански, во вековите по падот на Западното Римско Царство во 476 година – додаде Бауерн.

Бројни јазици се појавиле и исчезнале, вклучувајќи го раноисториските сумерски, хетитски, акадски, етрурски, јазиците што се говореле во Древен Египет и Стара Кина, како и некои африкански племенски јазици.

Колонијалните сили честопати воделе лингвистички империјализам. Англија, на пр., ги заострила своите политики против ирскиот јазик во Ирска, каде што денес англискиот јазик е најкористен. Шпанија ги забранила домородните јазици во Латинска Америка, а Португалија ги забранила домородните јазици во Бразил, како што и грчкиот тоталитарен режим во 1930-тите го забранил македонскиот јазик. Франција го наложила францускиот јазик како задолжителен во своите африкански колонии, а Јапонија своевремено го потиснала корејскиот јазик на Корејскиот Полуостров.

Некои јазици успеале да преживеат. Јазикот на Инките, Маите и Ацтеките ги преживеале шпанските обиди да ги потиснат, како што и македонскиот сѐ уште се говори во северна Грција. Но, околу половина од јазиците што се зборуваат денес, според Бауерн, се сметаат за загрозени.

– Дури 90 отсто од светското население зборува 10 насто од јазиците ширум светот, па затоа има голем број јазици со малку говорници – заклучи таа. 

извор МИА

Повеќе од истиот автор

Најчитано