Меѓународен натпревар за најдобро произведени ракии по четврти пат организира здружението „Ж’та – Македонски ракијари“, информираше денеска претседателот Панче Арсовски, повикувајќи да се пријават производители на ракии од земјава и странство.
– Денеска и официјално, јавно испраќаме покана за присуство на нашата автентична манифестација посветена на традицијата, квалитетот и пријателството, „Тиквешка ракијада 2026“. Мостри од произведени ракии за учество во натпреварот, ќе примиме до крајот на јули месец. Ќе имаме меѓународно оценување од експерти, во неколку категории. Најразлични овошни ракии, меѓу кои секако и лозови, специјални и ликери и други слични пијалаци – појасни Арсовски.
Тој најави дека доделувањето на медали и признанија за најдобрите производители на ракија ќе биде во месец септември, а во програмските активности на овој меѓународен фестивал се предвидени и дегустации и работилници.
– Поврзуваме луѓе, ја развиваме традицијата. Тиквешијата е колевка на врвната ракија – порача Арсовски, истакнувајќи дека од година во година, расте, бројот на учесници на натпреварот, но и квалитетот на доставените мостри.
Извор МИА
Фото Економија и бизнис






