Речиси 30.000 посетители, повеќе од 130 промоции на наслови, присуство на над 60 издавачки куќи – богата програма со специјални попусти, книжевни панели и интерактивни работилници, ќе понуди 38. Саем на книгата, кој почна денеска и ќе трае до 29 април.
Саемот се одржува во арената „Борис Трајковски“ со мотото „Отвори прозорец кон нови светови“, а го отворија претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Како што истакнаа Сиљановска-Давкова и Љутков во обраќањата, оваа манифестација останува еден од најзначајните културни настани, кој ја обединува публиката од целата земја и од странство, ја поттикнува читачката култура и создава простор за поврзување меѓу авторите, издавачите и читателите.
– Народ што чита ја разбира иднината зашто знае дека таа се гради со знаење. Денешниот ден нè обврзува да ја сочуваме книгата од заборавот – рече Сиљановска-Давкова, кој го прогласи саемот за отворен.
Според министерот Љутков, саемот на книгата ги слави зборот како темел на културата, мислата како двигател на општеството и книгата како простор во кој секоја идеја пронаоѓа свој живот.
– Народ што чита, не може лесно да се манипулира. Народ што размислува, не може лесно да се подели, а народ што создава, не може лесно да исчезне. Живееме во време на брзина, на површност, на информации што доаѓаат и исчезнуваат во секунди. Во таквиот свет книгата е чин на отпор. Да седнеш и да читаш, значи да одлучиш да мислиш, да одлучиш дека вниманието е вредност, дека тишината има смисла – порача Љутков.
Официјалното отворање на саемот беше збогатено со настап на хорчето од градинката „Детска радост“. Дечињата им дадоа подароци – книги на претседателката Силјановска-Давкова и на министерот Љутков.
Се обрати и претседателот на Македонската асоцијација на издавачите, Бојан Саздов, кој се осврна на активностите за популаризацијата на книгите, но и на македонската книжевност надвор од границите.
Отворањето на саемот годинава се совпаѓа со Светскиот ден на книгата и авторското право.
Работното време е од 10 до 20 часот, а со секоја купена редовна влезница, ќе бидат донирани средства на СОС „Детското село“. Влезниците се достапни и онлајн на: https://www.karti.com.mk/saem-na-kniga-2026.nspx.
Извор/фото МИА






