Намален бројот на жртвите во сообраќајот за над 35 проценти, Стратегијата за безбедност во сообраќајот доби поддршка од матичната Комисија

До 27 август годинава бројот на жртви на патиштата во државата изнесува 59, што е намалување за повеќе од 35 проценти во однос на истиот период лани кога биле евидентирани 96 жртви или 132 во цела 2025 година. Во 2024 во сообраќајки загинале 142 лица. Овие податоци ги изнесе министерот за внатрешни работи Панче Тошковски пред членовите на собраниската Комисија за одбрана и безбедност, образложувајќи ја Предлог-националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2026-2030, која Комисијата ја проследи на понатамошна пленарна постапка. 

Тошковски посочи дека Македонија и натаму има речиси двојно повисока стапка на смртност во сообраќајот од европскиот просек, при што во Европската Унија таа изнесува околу 43-44 жртви на милион жители, а во земјава меѓу 78 и 80. Според него, главната цел на стратегијата е спасување на човечки животи.

– Стратегијата е изготвена врз основа на онаа светска рамка која се стреми секоја европска држава да ја оствари, а тоа е Vision Zero и Safe System. Тоа е рамка кога се стреми до крајот на 2050 година да имаме нула човечки животи како последица на непочитување на сообраќајните правила – порача Тошковски.

Пред членовите на Комисијата, министерот нагласи дека документот предвидува до 2030 година бројот на сообраќајни незгоди да се намали за 50 проценти во однос на 2024 година, односно од околу 8.500 на приближно 4.250 незгоди, бројот на загинати лица да се преполови од 142 на 71, а бројот на тешко повредени од околу 1.100 на 550 лица. Стратегијата вклучува и цели за зголемување на употребата на сигурносни појаси и заштитни шлемови на над 90 проценти. 

Според предложената стратегија, која се однесува на периодот 2026-2030 година, клучни приоритети се подобрување на управувањето со безбедноста во сообраќајот, развој на побезбедна патна инфраструктура, зајакнување на безбедноста на возилата, унапредување на сообраќајната култура и едукацијата, како и подобрување на системот за итна помош по сообраќајни незгоди. Документот е заснован на принципот „Секој живот е важен“ и предвидува примена на концептот „Безбеден систем“, со поголема институционална координација, употреба на современи технологии и засилени превентивни и контролни мерки. 

Предлог-стратегијата предвидува и воспоставување национален систем за интелигентен мониторинг и управување со сообраќајот, редовни безбедносни ревизии на патиштата, унапредување на техничката исправност на возилата и континуирана едукација на сите учесници во сообраќајот. 

По расправата, Комисијата за одбрана и безбедност го утврди текстот на Предлог-стратегијата и го проследи на натамошно разгледување на пленарна седница. 


Извор МИА

Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано