„МОРА ДА ИМАМЕ ВЛАДИН АВИОН АКО САКАМЕ ДА БИДЕМЕ СЕРИОЗНА ДРЖАВА, изјави директорот на СОЗР

Мора да имаме владин авион ако сакаме да бидеме сериозна држава, а идејата за негово купување не е повлечена, ниту пропадната, вели директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) на Владата, Ивица Томовски.

Според него, владиниот авион не се користи само за потребите на Владата, туку и за да им се помогне на граѓаните во одредени ситуации.

Како што напомена Томовски во гостување на Канал 5 телевизија, за само две години се потрошени околу два милиона евра за сервисирање на сегашниот владин авион кој е од 2004 година и често бил вон употреба поради дефекти. За овој авион, објасни директорот на СОЗР, нема оригинални делови, па се чекаат репарирани, а тоа некогаш трае со недели. Авионот, освен што е стар, посочи Томовски, е и мал, со само шест седишта.

-Ќе зборувам за нов владин авион сè додека раководам со оваа служба. Ако сакаме да бидеме сериозна држава, мора да имаме владин авион, мора да имаме соодветен возен парк. Тоа ја претставува државата. Но, тој владин авион не секогаш се користи само за потребите на Владата. Иако и тие се потреби, бидејќи кога патуваат владините претставници надвор од Македонија,  патуваат со цел влез во ЕУ или да привлечеме некој странски инвеститор, па брз транспорт до одредена држава, па враќање назад, да не се губи време по редовните линии. Ние го користиме тој авион и во случаи, како што е последните 15 дена, двапати за здравствени причини, за детето што беше повредено во Бодрум и вчера, за транспорт на дете од Охрид до Берлин, заедно со медицински персонал. Задоволни сме што можеме да придонесеме за граѓаните да се спаси барем еден човечки живот, истакна Томовски.


Извор/фото МИА

Повеќе од истиот автор

Најчитано