„Економските движења во првите пет месеци од 2026 година се обременети со значителна глобална економска и геополитичка неизвесност и несигурност. Војната на Блискиот Исток и нарушениот транспорт на нафтени деривати, минерали и други стратешки стоки во Хормутскиот теснец, доведе до ценовен шок и поттикнување на инфлаторната спирала на глобално ниво во услови на забавување на светската економија.
Поради овие неповолни глобални текови, проекциите за стапката на раст на реалниот БДП на македонската економија согласно најновата Фискалната стратегија 2027-2031 година се ревидирани надолу од претходните 3,8% на 3,5%. Фискалниот совет во своето мислење во однос на Фискалната стратегија укажа дека и овој ревидиран раст од 3.5% се смета дека е благо оптимистички имајќи во предвид дека глобалните ризици сеуште постојат и покрај иницијалното стабилизирање на цените на нафтените деривати.
Резултатите за првиот квартал од 2026 година покажуваат дека економскиот раст е реализиран во висина од 3,1%. Инфлацијата исто така е ревидирана во нагорна линија на 4,5%. Тековната реализација на приходите во буџетот до период на изготвување на оваа мислење е за околу 4.5% во пониска динамика од расходите, што доведува до ситуација на речиси целосно искористување на планираниот буџетски дефицит за 2026 година во само првите шест месеци од годината.
И покрај повисоката инфлација за 2026 година, со предложениот ребаланс на буџетот се предвидува јавните приходи да пораснаат незначително за 4.575 милиони денари или за 1,2%, додека јавните расходи се зголемуваат за 11.600 милиони денари или за 2,8% во однос на иницијалниот буџет. Како резултат на овие нови проекции на јавните приходи и јавните расходи, се проектира зголемување на буџетскиот дефицит за 7.025 милиони денари или 17,9%, сето оваа со образложение за потребите на капитални расходи наменети за патна и друга развојна инфраструктура.
Планираниот буџетски дефицит со предлог ребалансот се проектира во висина на 4,1% од БДП, што значи за 0,6 процентни поени повеќе споредено со иницијалниот буџет за 2026 година, што претставува значително отстапување од законско предвидената висина. Како резултат на оваа динамика и проекцијата на јавниот долг на крајот на година, според усвоената Стратегија за управување со јавниот долг, се предвидува да изнесува над 61,5% што исто така претставува прекршување на законско предвидената висина од 60%.
Фискалниот совет смета дека зголемувањето на буџетскиот дефицит за 0,6 процентни поени од БДП (односно за околу 115 милиони евра) во услови на речиси целосно искористен фискален простор и релативно високи трошоци за задолжување, претставува дополнителен фискален ризик. Финансирањето на дефицитот со задолжување ќе доведе до зголемување на и онака високите расходи за камати, не само во тековната година, туку и во среднорочниот период, при што проекциите укажуваат на нивен континуиран раст најмалку до 2029 година. Од аспект на долгорочната одржливост на јавните финансии, надминување на нормативната граница на буџетскиот дефицит и јавниот долг утврдена со Законот за буџети, создава долгорочен притисок врз буџетот преку растечките трошоци за сервисирање на јавниот долг и го намалува фискалниот простор за финансирање на развојни политики и справување со идни економски шокови.
Оттука, Фискалниот совет повторно ја нагласува важноста од доследно спроведување на процесот на фискална консолидација, како една од клучните определби што континуирано е содржана во стратешките фискални документи. Во таа насока, неопходно е да се обезбеди поголема усогласеност со фискалните правила и да се продолжи со активностите за подобрување на ефикасноста и ефективноста на јавната потрошувачка, особено кај капиталните инвестиции и социјалните трансфери, кои претставуваат значајни сегменти на буџетската структура и имаат суштинско влијание врз долгорочната одржливост на јавните финансии и економскиот раст.
Воедно, Фискалниот совет смета дека постои потреба од постепено и систематско воведување на сеопфатни анализи на јавните расходи (Spending Reviews), како инструмент за оценување на нивната ефикасност, ефективност и усогласеност со поставените политики и приоритети. Ваквиот пристап, заедно со натамошното јакнење на фискалната дисциплина и подобрувањето на управувањето со јавните финансии, би придонел за поодржлива и поквалитетна фискална политика.
Истовремено, Фискалниот совет повторно укажува на потребата од доследно почитување на законската обврска за навремено доставување на Предлог-ребалансот на Буџетот до Советот заради давање мислење, пред неговото разгледување од страна на Владата. Навременото вклучување на Фискалниот совет во оваа постапка е важно за непречено извршување на неговите законски утврдени надлежности и за обезбедување независна и навремена оценка на предложените фискални политики.
Дополнително, Фискалниот совет укажува дека ненавременото доставување на фискалните податоци може да влијае врз квалитетот и сеопфатноста на неговите анализи и оценки. Исто така, навремената и доволно детална достапност на фискалните информации претставува значаен предуслов за унапредување на фискалната транспарентност, особено кај одделни синтетички расходни позиции, како што се „разни трансфери“, каде што подеталната структура на податоците би овозможиле посеопфатна анализа на буџетските расходи во насока на зголемување на нивната ефикасност.“








