Цената на суровата нафта Брент денес достигна 110 долари за барел за прв пат од мај, поради загриженоста дека ескалацијата на тензиите на Блискиот Исток би можела дополнително да го ограничи снабдувањето, додека инвеститорите сè уште проценуваат колку дизел може да испорача Русија на глобалниот пазар.
Фјучерсите за нафта Брент пораснаа за 3,94 долари, или за 3,7 проценти, достигнувајќи 109,86 долари, што е највисоко ниво од 19 мај. Во исто време, американските фјучерс за нафта „Вест Тексас Интермедиејд“ забележаа зголемување од 3,44 долари, или 3,5 проценти, затворајќи ја трговијата на 101,41 долари.
Од почетокот на оваа недела, цената на Брент се зголеми за 4,9%, а американската нафта за 10,4%.
„Цените на нафтата растат, бидејќи повторно се појавија стравувања од ескалација, поттикнати од гласините за напади врз енергетската инфраструктура на Саудиска Арабија“, се вели во извештајот на истражувачката и консалтинг фирма „Енерџи аспектс“.
Загриженоста за снабдувањето е зголемена поради почестите напади во близина на Ормуската Теснина во последните десет дена. Иран соопшти дека ги интензивира нападите како одговор на американската блокада на неговите пристаништа и построгите санкции воведени минатиот месец.
„Интензивирањето на иранските напади доведе до значителен пад на обемот на испораките на нафта од Персискиот Залив“, изјавија аналитичарите на компанијата „Кплер“ и додадоа дека, во отсуство на сеопфатен политички договор, очекуваат побавно и понерамномерно закрепнување на протокот на нафта низ Ормус.
Супертанкер што превезувал повеќе од два милиони барели сурова нафта се запалил во Ормуската Теснина откако удрил во поморска мина, според соопштението на морнарицата на Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ), пренесуваат медиумите во регионот.
Фото Економија и бизнис








