Златко Муцунски заминува од функцијата генерален директор на Порше Македонија по 21 година успешно раководење.
По повеќе од две децении на чело на „Порше Македонија“ и вкупно 34 години посветеност на Volkswagen Group, тој објави дека ја завршува својата професионална приказна во компанијата.
Во емотивна објава на LinkedIn, Муцунски се осврна на својата долгогодишна професионална кариера, истакнувајќи дека периодот поминат во компанијата бил многу повеќе од професионален ангажман – време исполнето со предизвици, достигнувања, пријателства и незаборавни искуства.
Во своето обраќање, тој нагласи дека зад себе остава исклучителни резултати, меѓу кои и над 50.000 испорачани возила на македонскиот пазар, како и успешно остварување на сите поставени стратешки цели.
„По 21 неверојатна година како генерален директор на Порше Македонија, ова беше исклучително емотивен момент да се осврнам на патувањето кое беше многу повеќе од професионална кариера. Заминувам со длабока благодарност и чувство на задоволство бидејќи зад себе оставам силна, успешна и мотивирана компанија со извонреден тим подготвен да го продолжи успехот“, истакна Муцунски.
По 34 години поминати во автомобилската индустрија, тој посочи дека е време за ново поглавје во животот — посветување на себеси, своите блиски и новите животни предизвици, заминувајќи со гордост и благодарност кон целокупното семејство на Porsche Holding.








