Човековите права не се тема што припаѓа исклучиво на законите, стратегиите или меѓународните документи. Тие се препознаваат во секојдневната работа на институциите, во начинот на кој се постапува по барањата на граѓаните, во квалитетот на услугите што ги добиваат и во одлуките што директно влијаат врз нивниот живот.
Со цел дополнително да се зајакнат знаењата и капацитетите на административните службеници во оваа област, Министерството за јавна администрација и проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, финансиран од Европската Унија, денес потпишаа Меморандум за соработка и ја промовираа новата онлајн алатка за е-учење за човекови права.
На настанот се обратија министерот за јавна администрација Горан Минчев, амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, како и Барбара Лигл, лидерка на Компонента 4 во рамки на проектот.
Во своето обраќање, министерот Минчев порача дека квалитетот на јавната администрација не се оценува само според прописите што ги применува, туку и според довербата што ја создава кај граѓаните.
„Довербата во институциите се гради тогаш кога граѓаните чувствуваат дека системот ги почитува нивните права, постапува правично и обезбедува еднаков третман за сите. Токму затоа знаењето, професионалноста и одговорноста на административните службеници се од суштинско значење за функционирањето на едно демократско општество“ истакна Минчев.
Тој нагласи дека реформите во јавната администрација не се сведуваат само на нормативни промени, туку подразбираат и создавање култура на континуирано учење, професионален развој и постојано унапредување на институционалните капацитети.
Во тој контекст, новата алатка за е-учење претставува практичен механизам преку кој човековите права ќе станат составен дел од процесот на стручно усовршување на административните службеници. Преку современи методологии и интерактивни содржини, платформата ќе придонесе кон подобро разбирање и примена на принципите на еднаквост, недискриминација, отчетност и почитување на човековото достоинство во секојдневното работење на институциите.
Во рамки на настанот беше истакнато и значењето на континуираното следење и спроведување на препораките на националните и меѓународните механизми за заштита на човековите права, како и потребата од нивно поефикасно интегрирање во работата на јавниот сектор.
Промовираната алатка ќе биде достапна преку системот за електронско учење на Министерството за јавна администрација ЛМС и претставува дел од пошироките активности за модернизација на јавната администрација и зајакнување на професионалните стандарди во јавниот сектор.
Оваа иницијатива е во согласност со целите на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023–2030 и ја потврдува определбата за градење институции кои работат професионално, транспарентно и во служба на граѓаните, при што почитувањето на човековите права претставува неразделен дел од нивното функционирање.








