Премиерот Христијан Мицкоски вели дека со Илија Срдановиќ, носител на листа која победи на неодамна одржаните избори во Србија се слушнал некаде околу пладне, околу 12 часот, и не сметал дека сето тоа треба да го претвори во естрада. Се слушнав, вели тој, но, тој разговор беше протоколарен.
- Би кажал дека разговорот е протоколарен бидејќи јас не го познавам господинот Срдановиќ, тој е носител на листата којашто победи на изборите. Ние сме соседи, наши интереси се нашите домашни прашања, се надевам дека во иднина ќе имаме уште подобра соработка и добрососедски односи. Она што мене ме интересира најмногу од тоа се билатералните односи во делот на економијата. Ценам дека сегашниот потенцијал можеме да го зголемиме уште повеќе – истакна Мицкоски во „Само интервју“ на Канал 5 Телевизија на прашање за изборите во Србија.
За тоа дали се слушнал со лидерот на СНС Александар Вучиќ и за односите со оваа сестринска партија во Србија, Мицкоски вели дека не разговарал со него, но, не исклучува дека тоа може да се случи во рамките на Европската народна партија. Тоа што се случува во Србија, рече, е нивна работа, мене ме интересира конкретно Македонија и ВМРО-ДПМНЕ.
-Ние имаме односи какви што имаат две сестрински партии, какви што имаме со ХДЗ, какви што имаме со ГЕРБ, со која било сестринска партија, ЦДУ/ЦСУ од Германија, со СДС партијата на Јанша од Словенија, и секаде каде што сум повикан да помогнам ние ќе поддржиме. Не сум разговарал, но тоа не значи дека нема да разговарам, претпоставувам кога во рамките на Европската народна партија ќе се видиме дека ќе разговараме – рече премиерот Мицкоски во „Само интервју“.








