МФ: За првпат национален испит и сертификација на внатрешните ревизори во јавниот сектор

За првпат во земјава, преку Министерството за финансии, ќе се спроведе национален испит за стекнување уверение за овластен внатрешен ревизор во јавниот сектор.

Од Министерството за финансии информираат дека ова претставува значаен исчекор во унапредувањето на системот на внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор и е дел од континуираните активности на Министерството насочени кон поодговорно, потранспарентно и законско работење на институциите.

Со организирањето на националниот испит, за првпат преку Министерството за финансии се воспоставува национална сертификација на внатрешните ревизори во јавниот сектор, со што се создаваат услови за натамошно професионализирање и зајакнување на оваа значајна функција во институциите.

-Спроведувањето на испитот и сертификацијата на внатрешните ревизори ќе значат директно зајакнување на капацитетите на единиците за внатрешна ревизија кај субјектите од јавниот сектор. Истовремено, ова претставува уште една конкретна потврда на заложбите на Министерството за финансии за зајакнување на механизмите за борба против корупцијата и обезбедување законско и одговорно работење на субјектите од јавниот сектор, се наведува во соопштението.

Воспоставувањето на националниот испит е значајно и од аспект на европскиот интегративен процес. Со неговото организирање се прави чекор кон целосна реализација на препораките на Европската Унија во овој сегмент од Поглавјето 32 – Финансиска контрола, а воедно се придонесува и кон успешна реализација на следните чекори од Реформската агенда во оваа област.

Материјалите за подготовка и прашањата за испитот веќе се објавени на веб-страницата на Министерството за финансии.

Испитните материјали се подготвени со техничка и експертска поддршка од Европската Унија за Министерството за финансии – Централната единица за хармонизација. Министерството ја изразува својата благодарност до Европската Унија за поддршката во реализацијата на овој значаен процес.

Министерството за финансии во периодот што следи навремено ќе ја информира јавноста за следните чекори во процесот на организирање и спроведување на испитот за стекнување уверение за овластен внатрешен ревизор во јавниот сектор.

За сите дополнителни информации и прашања поврзани со процесот, заинтересираните може да се обратат до Централната единица за хармонизација при Министерството за финансии.


Линк до материјалите: https://finance.gov.mk/mk-MK/oblasti/sertifikacija

Повеќе од истиот автор

Најчитано