МЕГА ИНТЕРВЈУ | Огњен Лазиќ: Пивара Скопје има нешто што не може да се купи или да се изгради преку ноќ

Мега интервју со Огњен Лазиќ | Генерален директор на Пивара Скопје
Огњен Лазиќ

Година и пол сте на позицијата генерален директор на Пивара Скопје. Што покажаа Вашите први согледувања за компанијата?

О. Лазиќ: Година и пол, е доволно долг период за да почнете да ја гледате компанијата многу подлабоко од самите резултати, а сепак доволно краток за да го задржите она што би го нарекол „свеж поглед“.

Кога доаѓате во компанија како Пивара Скопје, со традиција подолга од еден век, природно е да очекувате силни брендови, сериозна производствена база и добри деловни резултати. Но, она што мене најмногу ме импресионираше се луѓето. Тие се најголемата сила, но и највредниот капитал на компанијата. И тоа не е само мој впечаток – 96% од вработените, во нашите интерни истражувања, велат дека се горди што се дел од Пивара Скопје. За мене, тоа е исклучително важен показател за една компанија.

Зад нас имаме година на добри деловни резултати, но и со значајни инвестиции во развојот на бизнисот. Паралелно, работевме на зголемување на ефикасноста и продуктивноста, поедноставување на процесите и побрзо донесување одлуки. За мене е особено важно што растот го градиме заедно со инвестиции во иднината, бидејќи квалитетот на растот не се мери само преку приходите, туку и преку подобра профитабилност, поголема продуктивност и паметно вложување во она што ќе ни донесе вредност на долг рок.

Во текот на овој период многу слушав, учев и разговарав со луѓето на терен – од производството и дистрибуцијата до комерцијалните тимови. Токму таму најдобро ја гледате силата на една компанија: во комбинацијата на искуството на колегите кои се тука со децении и енергијата, новите идеи и поинаквиот поглед на помладите колеги.

Оттука, мојот најважен заклучок по првата година е дека Пивара Скопје има нешто што не може да се купи или да се изгради преку ноќ – силна култура и тим кој верува во компанијата. Нашата задача сега е тој капитал да го претвориме во уште поголема продуктивност, профитабилен и одржлив раст и долгорочна вредност за компанијата, нашите партнери и акционерите.

Како ја оценувате последната деловна година на Пивара Скопје?

О. Лазиќ: 2025 беше исклучително успешна. Година во која истовремено остваривме раст, ја подобривме профитабилноста и поставивме нови рекорди во работењето.

Приходите пораснаа за повеќе од 5%, во однос на досегашните трендови и пазарните очекувања. Растот не дојде само од поголем обем на продажба, туку и од подобар продажен микс и добро управување со бизнисот. Ова е особено важно затоа што покажува дека растеме квалитетно – не само што ги зголемуваме приходите, туку од тој раст создаваме и поголема вредност и профитабилност.

Зад овие резултати стојат јасен фокус, одговорно управување со трошоците, добри деловни одлуки и, пред сè, одличната работа на нашиот тим.

И токму тоа ми е најголемото задоволство, кога гледате како амбицијата и посветеноста на тимот се претвораат во конкретен и мерлив деловен резултат. Тоа ни дава одлична основа за она што следува.

Растот на трошоците и ограничената куповна моќ создаваат притисок и врз производителите и врз потрошувачите. Како ја одредувате границата помеѓу пренесувањето на повисоките трошоци во цените, заштитата на профитабилноста и зачувувањето на ценовната достапност на производите?

О. Лазиќ: Тоа денес е еден од најголемите предизвици за секоја компанија, особено во FMSG секторот. Потрошувачите се оправдано повнимателни во однос на трошењето, а наша задача е да најдеме одржлив баланс меѓу деловните потреби и нивните очекувања.

Мојот став е дека зголемувањето на цените не треба да биде првиот одговор на растот на трошоците. Прво треба да погледнеме внатре во компанијата и да најдеме начини да бидеме поефикасни, попродуктивни и порационални во работењето. Во изминатите години токму на тоа посветивме значително внимание – преку унапредување на процесите, дигитализација и континуирани инвестиции во модернизација на работењето.

Секако, не секогаш е возможно компанијата да ги апсорбира сите зголемени трошоци, но кога носиме одлуки за цените, секогаш гледаме и од перспектива на потрошувачот. На крајот, важно е тој да ја препознава вредноста на производот и да чувствува дека добива квалитет за своите пари.
Верувам дека успехот не се мери според тоа колку брзо ќе ги пренесете зголемените трошоци во цената, туку според тоа колку успешно ќе успеете да ја зачувате одржливоста на компанијата, конкурентноста и довербата на потрошувачите. Токму во тој баланс ја гледам суштината на одговорното и долгорочно одржливо работење.

Како демографските промени, емиграцијата, променетите животни навики и зголемената грижа за здравјето го менуваат домашниот пазар на пијалаци? Во кои категории очекувате најголем раст во наредните неколку години и зошто?

О. Лазиќ: Пазарот на пијалаци денес е многу поинаков од пред десет години. Демографските промени влијаат на вкупниот потенцијал на пазарот, но уште поважно е што многу се променија и навиките на потрошувачите.

Луѓето денес се поинформирани и повнимателно избираат што консумираат. Сакаат квалитет, но истовремено сакаат и избор – производи што одговараат на нивниот начин на живот, без разлика дали станува збор за уживање, здравје или удобност.

Затоа најголем потенцијал за раст гледам во безалкохолните и low/no alcohol производи, премиум сегментите и кафето. Тоа се категории кои одговараат на променетите навики. Не мислам дека луѓето нужно ќе купуваат повеќе во количина, туку дека се повеќе се подготвени да платат за нешто што им нуди подобар квалитет, автентичност или искуство.

И токму тука ја гледам најголемата промена. Потрошувачот повеќе не купува само пијалак – купува избор, искуство и вредност. Компаниите што најдобро ќе го разберат тоа ќе имаат најголема можност за раст.

Во кои сегменти Пивара Скопје денес дополнително ја зацврстува својата пазарна позиција, а каде се соочува со најголем конкурентски притисок? Од каде очекувате да доаѓа најголемата конкуренција во иднина?

О. Лазиќ: Нашата предност лежи во силата на 24/7 портфолиото, квалитетната дистрибуција и довербата што нашите брендови ја уживаат кај потрошувачите со генерации. Дополнително ја зацврстуваме позицијата во сегментите каде што имаме силни брендови, развиена дистрибуција и долгогодишна доверба од потрошувачите.

Но, лидерството на пазарот не значи дека можете да бидете задоволни со позицијата што ја имате. Напротив, тоа ве обврзува секој ден да се однесувате како повторно да треба да ја освоите.
Како што реков, особено голем потенцијал за раст гледаме во премиум сегментите, кафето, како и во производите што одговараат на новите потрошувачки навики, вклучително и безалкохолните и low/no alcohol алтернативи.

Добар пример е нашето премиум италијанско кафе Caffè Vergnano, еден од најстарите италијански брендови на кафе. Тоа носи автентично еспресо искуство и одговара на растечката побарувачка за поквалитетна и премиум понуда. Веруваме дека премиум кафето ќе биде еден од важните двигатели на растот во следните години и затоа на овој сегмент му пристапуваме внимателно и долгорочно.
Паралелно, продолжуваме да го развиваме нашето 24/7 портфолио, односно на консументите да им понудиме соодветен избор и „perfect serve“ за секоја прилика и секој момент од денот.

Кога зборуваме за конкуренцијата, таа денес доаѓа од многу повеќе страни отколку порано. Не се натпреваруваме само со други производители на пијалаци, туку и за времето, вниманието и буџетот на потрошувачот.

Затоа, не очекувам најголемата конкуренција во иднина да доаѓа од еден конкретен играч. Најголем предизвик ќе биде брзината со која се менува пазарот и колку брзо ќе успееме да одговориме на тие промени. На крајот, ќе победат оние што најдобро го разбираат потрошувачот и најбрзо се прилагодуваат на неговите потреби.

Кои се најзначајните инвестиции што Пивара Скопје моментално ги реализира или ги планира во следните три до пет години? Доколку можете да споделите, колкава е нивната вредност и какви конкретни ефекти очекувате врз производството, продуктивноста и конкурентноста?

О. Лазиќ: Пивара Скопје е компанија која континуирано инвестира во својот развој. Во изминатиот период ја завршивме новата катна гаража, инвестиција вредна речиси 3 милиони евра, со која значително ги подобривме условите за повеќе од 600 вработени. Иако на прв поглед не станува збор за производствена инвестиција, за нас и тоа е дел од создавањето модерна работна средина и долгорочниот развој на компанијата.

Уште поважно е што веќе следната година планираме и поголеми инвестиции во производствените капацитети. Целта е дополнителна модернизација на производството, поголема ефикасност и продуктивност, како и уште посилен фокус на одржливоста.

Нашиот фокус е јасен: ефикасност и продуктивност, квалитет, автоматизација и одржливост. Денес конкурентноста не зависи само од тоа колку произведувате, туку и од тоа колку ефикасно ги користите ресурсите, колку брзо се прилагодувате и колку сте подготвени за она што доаѓа. Затоа, инвестициите не ги гледаме само како вложување во опрема и технологија, туку како вложување во долгорочната конкурентност на Пивара Скопје. Нашата амбиција е да останеме една од најмодерните и најконкурентните компании за пијалаци во земјата и да продолжиме да создаваме вредност на долг рок.

За кои професионални профили денес најтешко наоѓате кадар и што прави Пивара Скопје за да привлече и задржи квалитетни вработени? Какви мерливи резултати досега даваат програмите за практикантство, развој и вработување млади?

О. Лазиќ: Верувам дека прашањето за талентите денес не е само како да ги најдете вистинските луѓе, туку како да создадете средина во која тие ќе сакаат да останат, да растат и да ги остварат своите амбиции. Искрено, целосно ги разбирам младите генерации кои од работодавачот очекуваат повеќе од сигурна плата. Ако денес ја почнував кариерата, ни мене тоа немаше да ми биде доволно. Би барал можност да учам, да се развивам, да запознавам луѓе, да ги поместувам сопствените граници и да бидам дел од нешто што има смисла.

Затоа се трудиме на нашите вработени да им понудиме многу повеќе од работно место. Како дел од семејството на Coca-Cola HBC и HEINEKEN, имаме можност да им овозможиме искуства што ретко која компанија може да ги понуди. Или како што сакам често да кажам, има работни места кои ви нудат искуство, но има и работни места на кои добивате искуства што создаваат спомени за цел живот.

Кога нашите колеги од комерцијалните тимови, летово благодарение на одличните резултати, отпатуваа на FIFA натпревари во САД, кога колеги беа на MotoGP во Барселона, други учествуваа како волонтери на Олимписките игри во Италија или ја имаа честа да го носат олимпискиот факел, тоа не беа само награди за добра работа. Тоа се моменти што инспирираат, ги шират хоризонтите и остануваат засекогаш во сеќавање.

Секако, развојот не почнува и не завршува со патувања и уникатни искуства. Континуирано инвестираме во обуки, менторство, меѓународни развојни програми и планирање на кариерата. Она што можеби најмногу ме радува е кога ќе видам млади луѓе кои во компанијата дошле како практиканти или на почетни позиции, а денес водат тимови и преземаат сè поголеми одговорности. Тоа е најдобриот доказ дека не градиме само кариери, туку и идни лидери. На крајот на денот, фабриките, технологијата и брендовите се важни. Но, компаниите сепак ги градат луѓето.

Одржливоста е една од клучните теми на денешницата. Како ја гледате нејзината улога во работењето на Пивара Скопје?

О. Лазиќ: Одржливоста денес веќе не е само прашање на репутација, туку и на конкурентност. Особено сум горд што кај нас таа не е само тема во ESG извештаите, туку е дел од начинот на кој секојдневно ги носиме деловните одлуки.

Пивара Скопје со години вложува во намалување на потрошувачката на вода и енергија, како и на емисиите на CO2. Продолжуваме со инвестиции во модернизација на опремата и зголемување на енергетската ефикасност, со цел дополнително да го намалиме нашето влијание врз животната средина.
Паралелно, работиме и на подобрување на амбалажата, зголемување на употребата на рециклирани материјали и развој на циркуларна економија. Еве дури и во Пивара Скопје поставивме машина за рециклирање за да ја поттикнеме културата на селекција на отпад.

Верувам дека иднината им припаѓа на компаниите кои ќе успеат истовремено да растат, да го намалуваат влијанието врз животната средина и да создаваат вредност за заедницата. Тоа не е лесна задача, но токму затоа е и вистинскиот предизвик.

Пивара Скопје е препознатлива по континуираните вложувања во младите.

О. Лазиќ: Кога зборуваме за младите, верувам дека најважно е да им создадеме конкретни можности, а не само да зборуваме за нив. Затоа сум особено горд што оваа година, за првпат, ги донесовме Спортските игри за млади во С.Македонија и им овозможивме на повеќе од 30.000 деца да бидат дел од најголемите аматерски регионални спортски натпревари, да развиваат тимски дух и да ги почувствуваат вредностите на фер-плејот и здравиот живот.

Она што особено ме радува е што за многу од нив ова искуство не заврши на спортските терени. Најуспешните учесници имаа можност да ја претставуваат својата земја на меѓународното финале во Сплит, да ги запознаат своите спортски идоли, а некои од нив дури и да заиграат на теренот со Златан Ибрахимовиќ. Тоа се моменти што оставаат трага и се паметат цел живот.

Паралелно, преку програмите Youth Empowered и Coke Summership, на над 10.000 млади досега, им даваме можност да стекнат практични знаења, да развијат нови вештини и да ги направат првите чекори во кариерата. За многумина, токму овие програми се првото работно искуство и можност да откријат што сакаат понатаму да прават.

Мислам дека компаниите денес имаат многу поголема улога од само тоa да нудат вработување. Наша одговорност е да бидеме партнер на младите и на општеството, да создадаваме можности, да дадеме самодоверба и да отвориме перспектива за новите генерации.

Што Ве мотивира и понатаму?

О. Лазиќ: Искрено – предизвикот. Ме мотивира прашањето: „Што можеме уште?“ Добрите резултати се причина за задоволство, но не и за запирање.

Кога во една година ќе остварите одлични резултати, ќе инвестирате во иднината и ќе бидете препознаени како компанија со најдобри резултати меѓу 29 пазари во Coca-Cola HBC групацијата, и тоа доаѓајќи од толку мал пазар, сфаќате дека границите навистина можат да се поместуваат.

Еве ние самите си го подигнавме скалилото. Така што предизвикот секоја година да бидеме подобри од претходната е она што и понатаму најмногу ме мотивира.


Разговараше: Зоран Јовановски
Економија и бизнис, 15 септември 2026

Повеќе од истиот автор

Најчитано