Летото во Македонија и на северната хемисфера на Земјата почнува денеска во 10 часот и 24 минути. Во истиот момент, на јужната полутопка ќе настапи зимата.
Денеска е летниот солстициј – астрономски момент што го означува почетокот на најжешката годишна сезона и долгодневицата, кога денот е најдолг, а ноќта најкратка.
Во Скопје, Сонцето изгреа во 4 часот и 58 минути, а ќе зајде во 20 часот и 13 минути. Денот ќе трае 15 часа и 14 минути.
На првиот ден од летото, синоптичарите најавуваат претпладне сончево и топло време, а во попладневните часови во северозападните делови ќе има услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови повремено засилен северозападен ветер. Максималната дневна температура ќе достиге до 35 степени.
Летото годинава ќе трае до 23 септември во 02 часот и 05 минути, кога ќе настапи есента.
Времето денеска претпладне ќе биде сончево и топло, а во попладневните часови во северозападните делови ќе има услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови повремено засилен северозападен ветер.
Како што соопшти Управата за ходрометеоролошки работи, минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 18, а максималната ќе достигне од 29 до 36 степени.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 36 степени.
Од понеделник следува период на променливо облачно и нестабилно време со врнежи од дожд, пообилни во вторник и среда (наместа над 15 l/m²). Локално процесите ќе бидат во форма на краткотрајно невреме проследено со пороен дожд, засилен ветер и грмежи и услови за појава на град. Ќе дува умерен ветер претежно од северен правец.
Фото Економија и бизнис








