Куманово беше домаќин на вториот голем настан „Ден на спортот“, кој е дел од Плазма спортските игри за млади, што за првпат се одржуваат во Македонија.
Во спортската сала во Куманово присуствуваа повеќе од 2.000 дечиња. Од првите насмевки до последните прегратки, можеше да се почувствува посебна топлина и искрена детска радост.
Нашите СИМ-овци го исполнија теренот со радост, навивање и спортски дух – трчаа, навиваа, славеа и уживаа во секој момент.
Возбудата постојано растеше. Чувството беше уникатно да се видат младите ѕвезди како се натпреваруваат во атлетика (трчање на 60 метри), баскет 3х3, народна игра, Кока-Кола куп во машка и женска конкуренција, како и во мал фудбал за генерација 2015.
Искрените насмевки и новите пријателства се моменти кои ќе останат врежани во срцата на сите учесници.
Поттикнувањето на спортскиот начин на живот, инклузијата, толеранцијата и другарството кај децата и младите е мисија на најголемиот аматерски спортски настан во Европа. Плазма Спортските игри за млади, кои постојат веќе 30 години, овозможуваат бесплатен спорт за секое дете.
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски истакна дека нема поубава глетка од младите дечиња кои сакаат да спортуваат.
„Прво би сакал да ѝ се заблагодарам на Федерацијата на училишен спорт на Македонија, на Министерството за спорт, на Владата и секако на Плазма Спортските игри за млади. Куманово има чест да биде домаќин на овој голем спортски настан наменет за деца од основните училишта. Покрај Куманово, учествуваат и градови од регионот. Прекрасна глетка е да се видат млади ентузијасти, од кои еден дел во иднина ќе прераснат во професионални спортисти. Како град ќе продолжиме да вложуваме во развојот на спортот, не само во Куманово, туку и во целата држава, преку подобрување на условите за спортување и изградба на нови капацитети“, изјави Максим Димитриевски.
Претседателката на Федерацијата на училишен спорт на Македонија, Елена Мицковска ги поздрави идните спортисти потенцирајќи дека Плазма Спортските игри за млади овозможуваат бесплатен спорт за секое дете.
„Што повеќе да се каже по ваквата атмосфера. Сакам да му се заблагодарам на премиерот Христијан Мицкоски, кој го препозна овој проект, како и на министерот за спорт Борко Ристовски. Не случајно доаѓаме во Куманово, бидејќи ова е општина која силно го поддржува спортот, особено училишниот спорт. Плазма Спортските игри за млади имаат една цел – бесплатен спорт за сите деца. Ги поздравувам и останатите општини од околината: Крива Паланка, Кратово, Старо Нагоричане и Ранковце.
На вас, деца, ви посакувам исполнет ден со многу насмевки и дружење, и да си заминете со убави спомени. Со најдобрите ќе се видиме во Сплит во август 2026 година“, рече претседателката на Федерацијата на училишен спорт, Елена Мицковска.








