КЛИМА УРЕДИТЕ ДА БИДАТ НА 25 СТЕПЕНИ, АКО ИЗЛЕГУВАТЕ НАДВОР НА 39 СТЕПЕНИ, советува доктор Здравески од ИЈЗ

Ако надвор е 39 степени, клима уредите да бидат на околу 25, за да може да се прилагоди организмот ако излезете надвор на отворено, препорача доктор Давид Здравески, раководител на Одделот за здравствена промоција и следење на болести при Институтот за јавно здравје, во изјава за медиумите говорејќи за јавно – здравствените препораки за заштита од топлото време.

– Меѓу општите јавно-здравствени препораки што треба секој да ги почитува, основна и прва, е да се избегнува напорна физичка активност во текот на денот – и тоа од 11 до 17 часот. Доколку на таа температура се изложени работниците, особено оние кои работат во отворени простори, треба да имаат повеќе паузи во текот на денот, односно да бидат помалку изложувани на сонце и да бидат под сенка, да имаат внесување голема количина течности – истакна докторот.

Во однос на исхраната, наведе дека треба да се внесува што е можно поголемо количество на лесна храна, помалку мрсна и висококалорична храна, да не се внесува храна што содржи големо количество шеќери.

Докторот посочи дека лицата над 65-годишна возраст кои ја земаат редовно терапијата, ако не се чувствуваат добро во текот на денот, треба да се консултираат со своите матични лекари. Дополнително, ако се наоѓаат дома – сами, тогаш соодветно треба да бидат постојано во консултација или комуникација со своите соседи, пријатели, кои било, за ако почувствуваат некои симптоми во текот на топлотниот бран, да може да се обратат до своите пријатели, соседи, или пак доколку може, соодветно да се јават на Итна медицинска помош – на 194 или 112, дополнително да се консултираат со нив, со нивните лекари.

Во однос на бремените жени, Здравески рече дека тие треба да ги слушаат препораките што им ги даваат нивните матични гинеколози, а во однос на хронично болните лица, редовно да ја земаат својата терапија.

– Дополнителни препораки коишто треба да се следат се бањање што поредовно во текот на денот, односно повеќе пати со млака вода, или пак ако треба, да се престојува во поладни простории. Оние кои работат во затворени простории или пак соодветно се наоѓаат дома – треба да бидат во климатизирани просториите. Доколку надворешната температура е над 35 степени Целзиусови, треба да се знае дека климатизираните простории мора да бидат со клима-уреди, а не со вентилатори, затоа што вентилаторот помага до 35 степени. Над 35 најдобро е да бидат во климатизирани простории, да бидат со спуштени ролетни и прозорците да бидат соодветно затворени. По 17 часот, се препорачува прозорците да бидат отворени и дополнително да имаме проветрување на воздухот – сподели Здравески.

Во дополнителни мерки ги истакна носењето на светла и лесна облека, капа, заштитни очила за оние кои веќе излегуваат на сонце и дополнително, SPF 30 фактор што се препорачува задолжително да се користи.

– Под најголем ризик се оние кои се во ранливата група на лица, особено хроничните болни и дополнително бремените жени и старите лица над 65-годишна возраст, за коишто препорачуваме задолжително да ги почитуваат општите препораки. Иако станува збор за општи препораки и општо познати во јавноста, ние постојано како Институт за јавно здравје ги даваме препораките и постојано ги споделуваме како на веб-страницата, така и на Фејсбук-страницата на Институтот за јавно здравје и сметаме дека треба сите граѓани на Македонија да ги почитуваат овие препораки – истакна докторот.

Тој ја потврди и препораката, повозрасните над 65 години, да не користат рерна и уреди од 13 часот, и ако може да се избегнува тоа, затоа што, вели, сепак создаваат поголема топлина и може да влијаат негативно.

Здравески ги сподели и основните симптоми за топлотен удар што може да се јават поради изложеност на сонце.

-Тоа се општо симптоми како вртоглавица, главоболка, бессознание, соодветно може да се појави мускулен грч. Мускулниот грч ако се јави, и ако до неден час не се регулира со ладна вода и доволно хидрирање, тогаш дополнително треба веднаш да се викне Итна медицинска помош. Треба значи да се внимава. Исто така дополнително, топла, сува кожа, значи тоа треба да биде препознаено и веднаш или да се повика Брза помош или дополнително ако можат да одат кај матичен лекар да се консултираат – препорача Здравески.

Многу топло време со температури до 40 степени според најавата од синоптичарите се очекува во следните два дена. Мало освежување се очекува од четврток.


Извор МИА

Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано