Директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски вечерва откри дека со германска болница во Фленсбург каде порано биле испраќани случаи за трансплантација на матични клетки се водат 11 спорови пред германските судови.
– Судските спорови на Фондот се стари и врзани се една болница во Фленсбург во Германија, каде во подамнешно минато се испраќани најчесто хематолошки случаи за трансплантација на матички клетки. Бидејќи тоа било доста редовна пракса во тоа време, не се собирале меѓусебните сметки и во еден момент Фондот прекинува да испраќа на лекување во таа болница и настануваат разлики. Со таа болница се водат 11 судски спорови во германските судови, ние ги очекуваме исходите, рече Клековски во вечерашното интервју за емисијата „Вин-Вин“ на телевизија Телма.
Минатата година имало околу 290 случаи на лекување во странство за што биле издвоени седум милиони евра. Според него, она што недостасува во лекувањата во странство е добивање на завршно мислење од конзилиумот што ги испратил пациентите, како фидбек како е направена интервенцијата.
Во однос на можните злоупотреби со дежурствата на што претходно укажаа и министерот за здравство Азир Алиу и премиерот Христијан Мицкоски информирајќи дека лекари во јавното здравство земале месечно и до 10.000 евра плата, Клековски рече дека одговорност мора да има.
– Не може еден доктор да биде во иста ноќ дежурен и во Скопје и во Битола. Одговорност мора да има. Не може сите вработени во една установа да имаат ист број на прекувремени часови за да се постигне некое посакувано ниво на плата. Не може цел ден ништо да не работите во сала, а да се нарекувате хирург, вели Клековски.
извор МИА








