Во понеделник сите ученици од основното училиште „Киро Глигоров“ ќе посетуваат настава со физичко присуство, најавува министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Во одговор на пратеничко прашање, Јаневска денеска рече дека вчера била во посета на училиштето и дека се чистел просторот, а веќе од понеделник почнува наставата за сите со физичко присуство.
За пролонгирањето, вината ја гледа во општинската администрација на Општина Центар.
– Ова ми личи на внатрепартиска борба. Проектот во архивата во Општина Центар е предаден на 18 мај. Цел месец молевме да го закачат на систем, а не постапуваат 40 дена. Одобрението е добиено на 28 јули. Преку приватни конакти баравме ургенции, поминавме 40 дена во администрација, иако бевме подготвени, рече Јаневска.
Рече дека единствено што направила минатата влада предводена од СДСМ е основното училиште „Киро Глигоров“, а за две години оваа власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ инвестирала 70 милиони евра.








