Извозот на нафта од Персискиот Залив скокна над 10 милиони барели дневно по отворањето на Ормуската Теснина

Извозот на сурова нафта од земјите од Персискиот Залив во јуни порасна за повеќе од три милиони барели дневно во споредба со мај и надмина 10 милиони барели дневно, по нормализацијата на поморскиот сообраќај низ Ормуската теснина, покажуваат денеска објавените податоци од аналитичките компании.

Вкупниот извоз на сурова нафта и кондензат од Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт, Ирак и Иран достигна 10,07 милиони барели дневно, додека во мај изнесуваше околу седум милиони барели дневно.

Најголем придонес во закрепнувањето дадоа Обединетите Арапски Емирати, чиј извоз во јуни достигна речиси 3,8 милиони барели нафта дневно, што е нов рекорд кој го надмина мајскиот просек за повеќе од милион барели дневно. Извозот на Саудиска Арабија е зголемен за 768.000 барели дневно, на 4,52 милиони барели дневно, додека Ирак и Кувајт исто така ги зголемија испораките. Иран, според процените на аналитичката куќа „Вортекса“ (Vortexa), го зголеми извозот за повеќе од 70 отсто, на околу 640.000 барели дневно.

Закрепнувањето на извозот следуваше по договорот меѓу Соединетите Американски Држави и Иран од 17 јуни за прекин на судирите и обновување на безбедниот премин низ Ормуската Теснина, што овозможи да се намалат резервите на нафта кои претходно беа задржани во Персискиот Залив.

Според податоците на бродските компании, на крајот на јуни е забележан и најголемиот број на премини на танкери низ Ормуската Теснина од почетокот на конфликтот, што укажува на постепено враќање на довербата во безбедноста на пловидбата по оваа рута. И покрај силното закрепнување, вкупниот извоз од Персискиот Залив и понатаму е за околу 40 отсто понизок отколку пред избувнувањето на конфликтот во регионот.

извор МИА

Повеќе од истиот автор

Најчитано