Во Северна Македонија сте околу една година, а во овој период изградивте имиџ на амбасадор кој претпочита непосредни средби со луѓето и заедниците, наместо да остане само зад бирото. Особено впечатлива беше иницијативата „Амбасадата на пат“ во мај оваа година, кога Вие и Вашиот тим во една исполнета седмица посетивте повеќе од 15 градови низ земјата. Какви се Вашите досегашни впечатоци од Северна Македонија?
О. Сулстром: Пред сé, ви благодарам за оваа прилика да зборувам за Шведска, за нашата работа како амбасада и за претстојните чекори во партнерството помеѓу Шведска и Северна Македонија. Да, во земјата сум малку повеќе од една година, и тоа каква година – исполнета со иницијативи, идеи и импресии, и неколку крупни исчекори во партнерството помеѓу двете држави. Тоа е цврсто, одржливо и плодно партнерство, и ми претставува задоволство да бидам амбасадор овде. Добив топло добредојде, имам прекрасни колеги во амбасадата и дипломатската заедница, прекрасна природа, одлична храна, интересна култура, бистри и креативни млади луѓе… Би можел да продолжам да зборувам уште долго време.
Нашата амбасада работи на низа теми, пред сè застапувајќи ги шведските интереси во земјата, но и на зајакнувањето на веќе силното партнерство меѓу двете земји. Продолжуваме со силна поддршка за пристапниот процес на Северна Македонија кон Европската Унија, што го поткрепуваме со силна политичка и финансиска поддршка, и како НАТО сојузници, го продлабочуваме нашето партнерство во безбедноста и одбраната. Шведска е и еден од поголемите билатерални донатори во Северна Македонија, со осум милиони евра годишно за подобрување на институциите, зајакнување на граѓанското општество и градење на капацитетите на медиумите и локалните власти, покривајќи теми како човекови права, родова еднаквост и владеење на правото, економски развој, животна средина и клима, и спречување конфликти.
Во мај годинава се впуштивме во иницијатива наречена „Амбасадата на пат“, каде јас и мојот тим поминавме цела седмица на пат низ Северна Македонија, среќавајќи се со шведски граѓани, компании и партнерски организации, со градоначалници и локални заедници, со младински организации, женски здруженија, еколошки организации. Во суштина, сите кои имаат некој вид партнерство во рамки на соработката меѓу Шведска и Северна Македонија.
Оваа иницијатива ја спроведовме од три причини. Пред сѐ, за да ја видиме и да ја прикажеме одличната работа на сите наши шведски и македонски партнери низ земјата. Второ, за да им покажеме на луѓето дека сме амбасада за целата земја, не само за Скопје, и дека сме отворени за дијалог, деловна соработка и заедничка работа со сите. И на крај, ова беше одлична прилика да видам повеќе од оваа прекрасна земја – Охрид, Струга, Маврово, Пелистер, Битола и многу други прекрасни места. Во моментов размислуваме како да ја продолжиме оваа иницијатива во пролетта 2027 година, кога повторно ќе ја поведеме амбасадата на пат, но можеби на малку поинаков начин.

На кои клучни области треба да се фокусира Северна Македонија за да поттикне рамномерен и одржлив регионален развој и да изгради локални заедници кои нудат подобри услови за живот за сите граѓани?
О. Сулстром: Рамномерниот развој значи дека една земја треба да настојува да создаде услови во кои луѓето, а особено младите, ќе имаат пристап до економски можности, квалитетни јавни услуги и здрава животна средина, без оглед на тоа каде живеат. За ова се потребни ефикасни општински институции, сигурна инфраструктура и услови во кои локалните фирми ќе можат успешно да работат, да растат и да отвораат работни места.
На општините им се потребни капацитети за да ги утврдат приоритетите, да подготват добри проекти и да привлечат инвестиции. Развојот истовремено треба да биде одржлив во секоја смисла на зборот, вклучувајќи ја енергетската ефикасност, заштитата на животната средина и отпорноста.
Процесот на пристапување на Северна Македонија кон ЕУ дава важна рамка за овие реформи, од јавната администрација и стандардите за животна средина, до владеење на правото и деловното опкружување. Крајната цел треба да биде многу практична: посилни заедници и посилна економија во кои луѓето гледаат иднина за себе и за своите семејства.
Кралството Шведска го поддржува локалниот развој во земјата преку повеќе иницијативи. Една од нив е проектот „Јакнење на општинските капацитети за имплементација на проекти“, кој го спроведува УНДП во партнерство со Министерството за локална самоуправа, Бирото за регионален развој и ЗЕЛС. Кои се главните придобивки и очекуваните долгорочни ефекти од овој проект?
О. Сулстром: Ние и нашите партнери сме многу горди на овој проект, вклучително и на начинот на кој донесе значајни и одржливи резултати. Силата на проектот е во тоа што им помага на општините да преминат од утврдување на потребите кон подготовка на инвестиции кои навистина можат да се финансираат и реализираат. Без да навлегувам во премногу технички детали, тој ја поддржува централната власт да ги насочи ресурсите таму каде што се најпотребни, а на локалните власти им помага да ги планираат инфраструктурните инвестиции, да ги спроведат јавните набавки и да ја надгледуваат реализацијата, сѐ додека тие инвестиции не станат стварност. Ова го правиме преку три инструменти – Индексот за општински развој, интегрираните планови за локален развој и Фондот за техничка документација. Продолжуваме да го поддржуваме овој проект затоа што овој модел и пристап едноставно функционираат.
Долгорочната визија е да имаме посилни локални институции и подобри јавни услуги, особено во општините со поограничени капацитети. Шведска исто така придава големо значење на одржливоста односно алатките и знаењето развиени преку проектот да продолжат да се користат и по завршувањето на меѓународната поддршка. Токму затоа, нашата соработка оваа година е особено насочена кон вградување на овие инструменти во националниот систем, преку Министерството за локална самоуправа.
Го споменавте Фондот за техничка документација. Колку инфраструктурни проекти се поддржани преку овој инструмент во моментов, колку веќе се реализирани и на кои начини фондот придонесува за локалниот развој?
О. Сулстром: До крајот на 2025 година, преку Фондот за техничка документација беа доделени вкупно 99 грантови, со кои се поддржа подготовката на техничка документација за инфраструктурни инвестиции низ целата земја.
Овој фонд се осврнува на еден многу практичен проблем – општините можеби знаат што им е потребно, но без соодветна техничка документација тешко можат да побараат и да обезбедат надворешно финансирање. Фондот помага овие перспективни идеи да се претворат во издржани проекти, подготвени за инвестирање, а истовремено им помага на општините да ги подобрат своите капацитети за јавни набавки и управување со проекти. На овој начин сите добиваат – општините, инвеститорите и партнерите, а најважно од сѐ, луѓето во заедниците.
Од овие 99 проекти, 26 веќе обезбедија повеќе од 16 милиони евра за финансирање. Тоа значи дека инфраструктурата која започнала како замисла на хартија сега може навистина да се изгради и да придонесе за значајни подобрувања во секојдневниот живот на луѓето.
Какви видови инфраструктура опфаќаат овие 99 проекти? Од финансиска гледна точка, колку средства се вложени во подготовката на техничката документација за овие проекти и колкава би била проценетата вкупна инвестиција потребна за реализација на сите 99 проекти?
О. Сулстром: Избраните проекти одговараат на широк опсег локални потреби. Околу половина од проектите се поврзани со животната средина, климата, енергетиката и водната инфраструктура; нешто помалку од една третина се однесуваат на комунална, транспортна и деловна инфраструктура; останатите се насочени кон изградба на социјална инфраструктура.
Она што е интересно кај овој пристап е мултипликативниот ефект, каде едно релативно скромно вложување може да отвори пат за големи продуктивни инвестиции во развојот на инфраструктурата. За да го илустрирам ова, со 2,7 милиони евра вложени во фондот е подготвено портфолио на потенцијални инфраструктурни инвестиции во вредност од околу 130 милиони евра. Со други зборови, секое евро вложено во подготовка на проекти може да генерира до 47 евра инвестиции.
За Шведска, ова е добар пример за успешна развојна соработка која поттикнува дополнителни вложувања, каква што сакаме да гледаме и во каква што сакаме да инвестираме. Една релативно скромна поддршка може да им помогне на општините да дојдат до многу поголеми национални, европски и меѓународни инвестиции.

Шведска има долга традиција на вклучување на граѓаните во процесите на одлучување на локално ниво. Ова и понатаму претставува предизвик во Северна Македонија, особено кога станува збор за зајакнување на довербата на граѓаните дека можат активно да придонесат за подобрување на своите општини. Може ли Северна Македонија да извлече поуки од шведското искуство во оваа област?
О. Сулстром: Секако дека има шведски искуства кои можат да бидат корисни, иако ниту еден модел не може едноставно да се преслика од една земја во друга. Една важна поука е дека учеството на граѓаните мора да биде суштинско. Довербата расте кога луѓето имаат пристап до информации, кога се поканети да учествуваат и кога можат да видат јасна и трајна врска помеѓу нивниот придонес и одлуките кои навистина се носат. Ако ова учество е одржливо, такви ќе бидат и резултатите.
Токму затоа се важни интегрираните планови за локален развој. Граѓанските форуми ги собираат жителите, општините и останатите локални чинители за заедно да ги утврдат потребите и приоритетите.
До крајот на 2025 година, 15 од вкупно 20 планови поддржани преку проектот веќе беа формално усвоени. На крајот на краиштата, посилната локална демократија и подобриот локален развој меѓусебно се зајакнуваат.
Во рамки на партнерството на Шведска со УНДП го поддржувате и проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, кој се спроведува во Скопје и уште пет општини. Аерозагадувањето останува еден од најгорливите предизвици во земјата, особено во зимските месеци. Како овој проект придонесува кон напорите за почист воздух и поздрави услови за живот?
О. Сулстром: Загадувањето на воздухот е добар пример за тоа зошто креирањето политики треба да започне од веродостојни податоци. Проектот се надоврзува на претходната работа во Скопје и во моментов ги поддржува Кавадарци, Гостивар, Куманово, Струмица и Струга, комбинирајќи научна анализа на изворите на загадување со општинско планирање, учество на граѓаните и практични мерки.
Сите пет општини сега имаат локални планови за квалитет на воздухот, засновани на овие податоци и усвоени од нивните општински совети. И граѓаните помогнаа во утврдувањето на приоритетните мерки преку форумите на заедницата. Овие мерки веќе се преточуваат во конкретни зафати, вклучувајќи подобрување на енергетската ефикасност во училиштата, позелени јавни простори и подобро одржување на јавната чистота во општините.
Но, за почист воздух е потребно повеќе од поединечни проекти. Греењето на домаќинствата, енергетската ефикасност, транспортот, управувањето со отпадот и ефикасното управување во областа на животната средина – сето ова е важно, исто како и политичката волја и решителноста, вклучително и на централно ниво. Затоа Шведска поддржува и практични локални активности и пошироки институционални промени потребни за трајни резултати, и ќе продолжи да ја поддржува работата на чинителите во Северна Македонија за справување со овој важен предизвик.
Разговараше: Кирко Бошкоски
Економија и бизнис, 15 септември 2026








