Извозот на сурова нафта од Блискиот Исток овој месец се зголемил на 12,8 милиони барели дневно, што е највисоко ниво од февруари кога почна израелско-американската воена интервенција против Иран, покажуваат денешните податоци на компанијата „Кплер“.
Закрепнувањето следува по зголемувањето на извозот преку Ормуската Теснина, што овој месец се очекува да достигне околу 7,4 милиони барели дневно, откако Саудиска Арабија го пренасочи извозот на нафта од црвеноморското пристаниште Јанбу поради оштетувањето на нејзиниот клучен нафтовод во нападите.
Иако извозот од регионот се опоравува, тој и натаму е за околу шест милиони барели дневно помал во споредба со 18,8 милиони барели дневно регистрирани во февруари.
Саудиска Арабија како водечки регионален извозник, овој месец се очекува да испорача околу 5,4 милиони барели дневно. Во август нејзиниот извоз изнесувал само 2,446 милиони барели дневно, покажуваат податоците.
Септемвриските испораки од заливското пристаниште Рас Танура се зголемиле на околу 3,6 милиони барели дневно, од 929 илјади барели дневно во август, но тоа и натаму е помалку од 6,411 милиони барели дневно испорачани во февруари.
Податоците на „Кплер“ покажуваат дека минатата недела Ормуската Теснина ја напуштиле вкупно 19 големи танкери за сурова нафта, од кои секој превезувал по два милиони барели саудиска нафта.
Во податоците не се вклучени пловила што потенцијално минале низ теснецот со исклучени транспондери за да избегнат откривање.
извор МИА








