Интервју со Кристоф Пети, претседател на Француско-македонскиот деловен совет во рамките на МЕДЕФ Интернасионал
Ќе започнеме со прашање за МЕДЕФ и за МЕДЕФ Интернасионал. Колку е важна за француските бизниси економската дипломатија што се спроведува преку МЕДЕФ Интернасионал и разни билатерални деловни совети?
К. Пети: МЕДЕФ Интернасионал е филијала на МЕДЕФ, водечката организација што ги претставува големите приватни компании во Франција. Организира деловни патувања низ речиси секој континент, од САД до Австралија, и е присутна во Вашингтон каде што управува со односите со меѓународните финансиски институции.
о Париз, МЕДЕФ Интернасионал редовно е домаќин на состаноци и на бизнис-форуми, особено за време на официјални посети на странски претставници. На пример, минатата недела, премиерот на Црна Гора го посети Париз и беше примен од МЕДЕФ, со значително присуство на француски компании на настанот.
Дополнително, МЕДЕФ организира меѓународни посети, како таа што моментално се организира во Македонија. Годишно се координираат околу 60 делегации, заедно со бројни посети и настани во Париз. МЕДЕФ, исто така, помага во изнаоѓањето можности за француските компании да се поврзат со бизниси во странство. Неодамнешен пример е успешниот бизнис-форум во Загреб каде што беа организирани приватни состаноци меѓу француски и хрватски компании.
Генерално, МЕДЕФ Интернасионал игра витална улога во екосистемот на Франција за поттикнување на развојот на меѓународниот бизнис.
Вие сте претседател на Француско-македонскиот деловен совет во рамките на МЕДЕФ Интернасионал и сега предводите деловна делегација од Франција која е во посета на нашава земја. И покрај стабилните политички односи и институционалниот ангажман меѓу нашите две земји, билатералната трговија и француските директни странски инвестиции во нашава земја остануваат релативно скромни во споредба со некои други земји од ЕУ како Германија или Австрија итн. Кои се причините што спречуваат посилно француско корпоративно присуство тука?
К. Пети: Па, тоа е добро прашање. Мислам дека долго време Балканот генерално се сметаше за бизнис-дестинација главно за германски, за австриски, за турски, па дури понекогаш и за италијански компании, но многу помалку за француски компании. Па, немам никакво прецизно објаснување за причината. Единствено нешто што можам да ви кажам е дека работите се менуваат брзо и има голем интерес од француска страна за развој на односите меѓу Франција и Балканот воопшто.
И, работите се движат. Подоцна оваа недела, ние во Буиг батиман интернасионал (Bouygues Bâtiment International) потпишуваме голем договор за изградба на нова болница во Подгорица. Ќе биде потпишан со поддршка на француската влада преку меѓувладин договор меѓу Франција и Црна Гора. Значи, да, вистина е дека историски гледано имало можности за соработка со мали бизниси, но постои силен притисок од француските компании, а исто така и поддршка на француската дипломатија. Претседателот Макрон сака да се осигури дека односите меѓу балканските земји и Франција се развиваат и мислам дека ќе можеме да постигнеме успешен завршеток. Веќе постигнавме успешен завршеток на неколку проекти. Постои меѓувладин договор меѓу Франција и Србија, меѓу Франција и Албанија, а исто така и меѓу Франција и Црна Гора. Франција предлага меѓувладин договор меѓу Франција и Македонија. Значи навистина постои поттик за развој на односите.
Значи Франција во основа го менува фокусот и Западен Балкан станува поважен.
К. Пети: Апсолутно. Знаете, не само што е поважен. Тој е многу важен на глобално ниво. Франција разбира дека тие земји припаѓаат на Европа. Но, ние треба да создадеме и посилна врска за да се осигуриме дека еден ден тие земји ќе се приклучат на европската заедница бидејќи тоа е целта. И мислам дека постои силен поттик од претседателот Макрон за да се осигури дека ова ќе се случи брзо.
Од француска бизнис-перспектива, каде се наоѓа моментално Македонија во рамките на инвестициската мапа на Западен Балкан? Дали на нас сè уште се гледа главно како, да речеме, производствена база со ниски трошоци или перцепцијата се менува кон можности со поголема вредност?
К. Пети: Па, мислам дека се и двете работи. Да, постои потенцијален интерес за развој на индустријата во земјата поради фактот дека цената на работната сила е привлечна и има квалификувани, образовани луѓе. Еден од проблемите во Македонија е да се осигурите дека ќе успеете да ги задржите вашите образовани луѓе бидејќи некои од нив си одат во странство и ова е проблем. Значи, тоа е првото размислување.
Второ размислување е тоа дека земјата има огромни потреби во однос на инфраструктурата, на транспортот, на пример, железничкиот проект, здравството, енергетиката. Значи имаме шампиони во Франција. И би сакале да имаме можност да работиме во земјава во тие области за да ги задоволиме тие потреби. Планот е исто така да можеме да донесеме финансирање. Тоа би можело да биде со поддршка на француската влада како што е случајот во другите земји на Балканот. А исто така преку јавно-приватно партнерство, доколку има интерес во земјата за развој на вакво партнерство.
Значи, на некој начин, веројатно одговоривте на моето следно прашање за тоа кои сектори ги гледате како најреални области за раст за француски инвестиции во нашава земја во следните 5 до 10 години. Значи, во основа, споменавте инфраструктура, здравство, енергетика.
К. Пети: Планот би бил и да се овозможи развој на некои индустриски населби во земјава бидејќи идејата не е само француски компании да ги продаваат своите услуги и производи во Македонија туку и да се осигури дека има некои француски инвестиции. Се среќавам со инвеститори, особено во инфраструктурата, кои се заинтересирани да инвестираат во Македонија. Единственото нешто што недостасува се можностите. Знаете дека многу европски земји се развиваат, на пример преку јавно-приватно партнерство или концесија.
Постои една концесија која е успешна во Македонија, а тоа е аеродромот, кој, патем, сега е индиректно контролиран од француска компанија наречена Аеропор де Пари бидејќи ТАВ е подружница на Аеропор де Пари. Знам дека има и некои квази концесии во енергетскиот сектор, но може да има и други можности, на пример, јавно-приватно партнерство за финансирање на некои инфраструктурни проекти. Значи постои силен интерес. Сега прашањето е да се пронајдат соодветни можности.

Претпоставувам дека компаниите што се дел од делегацијата се всушност од областите што ги споменавте и со овој интерес.
К. Пети: Апсолутно. Имате компанија која овде долго време развива проект за енергија од соларни панели. И тие се подготвени да го завршат овој проект. На пример, во железничкиот сектор, Буиг батиман интернасионал е еден од лидерите во светот за инфраструктура. Имате и многу инженерски фирми кои учествуваат во оваа делегација. Исто така, имајте го тоа на ум, важно е дека Сосиете женерал (Société Générale), која е една од најголемите меѓународни банки, е дел од оваа делегација. Сосиете женерал предложи некои можности до Владата за финансирање на некои проекти. Тие понуди се дадени, а сега прашањето е како ќе успееме да ги материјализираме сите тие можности.
Како можат македонските компании, да речеме, да се вклучат во синџирите на снабдување на француските компании и да им помогнат на француските компании со извоз на полупроизводи или производи во Франција? Мислам, да ја земеме предвид и другата страна.
К. Пети: Разбирам. Прво, мислам дека е важно македонските компании да ги продаваат своите производи. Но, потребно е да се организира слична делегација, како онаа на француските компании во Македонија, за македонските компании во Франција.
Бидејќи, на пример, во Буиг батиман интернасионал, ние сме градежна компанија, но купуваме производи од секаде во светот, дури и од Балканот. Имаме силен Оддел за набавки и секогаш бараме нови доставувачи.
Значи компаниите од Македонија треба да дојдат и да го посетат тимот за набавки на тие индустриски групи што ги имаме во Франција и да ги понудат своите услуги и производи. Значи ова е маркетиншки напор што треба да се направи. Секако, МЕДЕФ Интернасионал потенцијално може да помогне во овој поглед бидејќи организиравме, на пример, делегација од Србија за да ги понуди своите услуги и производи на француските компании. Значи, ова е можно, но бара да се направи маркетиншки напор.
Како МЕДЕФ Интернасионал или Француско-македонскиот деловен совет се движи од дијалог кон реални инвестициски проекти? Ја споменавте болницата во Подгорица, тоа би бил конкретен пример.
К. Пети: Да. Минатата година Франција ѝ понуди на Македонија слични аранжмани како оној што го имаме во Црна Гора. Франција нудеше решение за завршување на изградбата на болниците во Штип, во Кичево и во Тетово. Понудата е дадена преку комерцијален предлог од нашата компанија бидејќи ние сме изведувач, заедно со предлог од банки за финансирање на проектот.
И заедно со договор меѓу владите на Франција и на Македонија. Значи, точно истиот предлог кој се материјализираше во Црна Гора. Сега прашањето е дали постои интерес од страна на Владата на Македонија да го направи истиот аранжман. Бидејќи зборуваме за здравствена инфраструктура и за стратешка инфраструктура, тие проекти заслужуваат да имаат висококвалитетни изведувачи, висококвалитетни финансиери и така натаму.
Дел од делегацијата е тим кој е подготвен да развие проект, за отстранување на загадувањето на локација. Исто така, тука е и компанијата Акуо, која долго време работи на својот енергетски проект. Прашањето е како да го претвориме овој проект во нешто што се случува. Тешкотијата што ја гледаме денес е што тој не се материјализира. И ова за нас е еден вид фрустрација бидејќи сме во можност да понудиме решенија „клуч на рака“. И, на пример, кога зборуваме за потребите во здравствениот сектор, тие потреби можат да бидат задоволени многу брзо поради решението „клуч на рака“ што го предлагаме. Но, сè уште чекаме Владата да одлучи што сака да направи.
Претпоставувам дека една област која можеби ќе ве интересира е и проектот за брза железничка врска од Грција до Србија преку Македонија.
К. Пети: Секако дека француските компании се заинтересирани. Тие се лидери во одредени сектори, инфраструктура, возови. Постои компанија наречена Алстом.
Тие се едни од лидерите во оваа индустрија. Во Буиг, имаме и компанија која се вика Колас реил, и која работи на железнички проект. Значи можеме да учествуваме во тие проекти. И повторно, се повторувам затоа што е многу важно, ние сме во можност да донесеме и финансирање затоа што тоа е клучно. Јас обично кажувам дека нудиме решение „клуч на рака“ кое вклучува дизајн, изведба и финансирање. И, секако, можеме брзо да се движиме напред со тие можности.
Да ја прошириме перспективата на ова интервју. Како ги гледате тековните случувања во глобалната и во европската економија? Кои се најважните трендови што ќе ја обликуваат иднината на економијата во следниве 5 до 10 години? Ова не е поврзано со Македонија.
К. Пети: Ова е добро прашање. Ние сме среде комерцијална војна, трговска војна со Кина и сега со САД. Тоа е малку изненадувачки бидејќи порано бевме партнери. Па сега прашањето е како Европа може да се заштити себеси и да ги зачува интересите на европските земји и на европските компании.
Па, прво, треба да се осигуриме дека земјите од Балканот се приклучуваат кон европската заедница за да се зајакне европската заедница и сите земји од Европа да бидат дел од европската заедница. Второ, мора да престанеме да бидеме наивни и мора да го претвориме она што го правевме досега во последниве 25 години, отворен пазар, слободна конкуренција, во нешто каде што сè уште има слободна конкуренција. Но, ние повеќе не сме наивни и се заштитуваме од одредени конкуренти кои не ја играат истата игра како нас. Во Европа играме фудбал без да ги користиме рацете, додека Кинезите ги користат рацете, а САД почнуваат да го прават истото тоа. Значи ова е една од клучните ситуации со кои се соочуваме денес. И мора да се осигуриме дека ја заштитуваме нашата индустрија.
Исто така можеби создавање на некои нови индустрии. Погледнете што се случува во врска со центрите за податоци. Има многу центри за податоци кои се развиваат во Европа. Многу се развиваат во САД. Ова е нова индустрија која може да ја замени старата индустрија каде што повеќе не сме конкурентни. На пример, во Франција, повеќе не се занимаваме со текстил затоа што луѓето купуваат текстил од Кина. Значи мора да создадеме нешто ново, но и да се заштитиме, не само да бидеме отворен пазар.
Едно, да речеме, многу специфично прашање. Пред некое време Марио Драги презентираше предлог до Европската комисија за реформите што треба да се направат на ниво на ЕУ. Тоа беше многу рационален, многу здрав предлог, но некако се чини дека остана само парче хартија во однос на неговото спроведување. Дали ова укажува на некаков вид неподготвеност во рамките на институционалниот механизам на ЕУ да се направат некои длабоки промени што се важни за ЕУ?
К. Пети: Да. Во право сте. Но, знаете, европските земји немаат ист интерес. Некои од земјите извезуваат многу производи во Кина. Значи тие не сакаат нивниот бизнис со Кина да биде засегнат.
Но, сега тие исто така разбираат, ако зборуваме за автомобилската индустрија на пример, сега гледате дека сè повеќе производители на автомобили доаѓаат да се натпреваруваат во Европа со европските производители на автомобили. Значи мислам дека сме во време кога европските земји почнуваат да разбираат дека треба да бидат поусогласени во однос на стратегијата и во однос на заштитата од надворешната конкуренција. Значи, да, во право сте. Досега имаше многу интереси кои одат во различни насоки. Најверојатно ова создава проблем да се има заеднички став за тоа каква би можела да биде позицијата на Европа во однос на САД и во однос на Кина. Но, ние сме во време кога мислам дека работите ќе се променат. Сакам да бидам оптимист.
Дали има нешто што не прашав, а би сакале да го кажете?
К. Пети: Она што е важно за нас, а го разговарав ова прашање со францускиот амбасадор, е фактот дека имаме некои потешкотии да ги реализираме можностите што ги имаме тука во Македонија. Повторувам дека тоа е многу важно, но има многу проекти што се на маса. Има многу понуди што се на маса. Но, не гледаме зошто тие можности не се материјализираат, не се случуваат. Тоа нас нè загрижува. И се надеваме дека оваа делегација ќе биде можност, преку дискусијата со Владата и со премиерот Мицкоски, да видиме како можеме да постигнеме позитивен исход, барем за дел од овие можности. Тоа е навистина клучно за нас, да видиме како можеме да преминеме од тоа да имаме само проект кон нешто што се материјализира.
Ви благодарам за интервјуто.
Економија и бизнис, 15 јуни 2026г.
Разговараше: Зоран Јовановски








