Институтот за јавно здравје, соопшти попладнево дека по добивање на барање од страна на Јавното обвинителство, веднаш е излезено на терен на посочените локации во Гостивар и земени се примероци за микробиолошки и физичко-хемиски анализи. По враќањето на екипата на ИЈЗ од терен, во раните утрински часови во четврток, веднаш се отпочна постапката за анализа на примероците.
-Согласно известувањето од ЈЗУ Општа болница „Д-р Ферид Мурад“ – Гостивар за нагло зголемен број пациенти со гастроинтестинална симптоматологија, а со цел анализите да бидат изработени стручно и навремено, стручни лица од Институтот и викендов се на работа и ги анализираат примероците. Резултатите од анализите ќе бидат доставени до барателот, Јавното обвинителство, за натамошно постапување – нагласија од ИЈЗ.
Институтот за јавно здравје истакнува дека е во постојана комуникација и координација со надлежните државни институции.
Агенцијата за храна и ветеринарство вчера издаде забрана за употреба на водата за пиење од гостиварскиот водоводен систем поради основано сомнение дека водата е загадена и небезбедна за употреба.
Од управата на гостиварската Општа болница потврдија дека изминатите денови за медицинска помош заради стомачни тегоби се јавиле над илјада граѓани. Случајот со водата за пиење од градскиот водовод стана актуелен откако деновиве беше регистриран зголемен број граѓани кои побарале медицинска помош поради стомачни тегоби.








