пишува: Борко Ханџиски | Авторот е консултант во меѓународната консултантска куќа Оливер Вајман, Дубаи
Од технолошка возбуда до одговорна примена на ВИ
Кога се појавува нова технологија целата возбуда е насочена кон самата технологија, директните придобивки што ги носи, нејзиното прифаќање и, на крајот, нејзиниот потенцијал за приходи. Од друга страна, ризиците и несаканите ефекти од новата технологија добиваат недоволно внимание. Постојат бројни примери за негативни ефекти од претходните индустриски револуции. На пример, Шведска денес, за нешто повеќе од една деценија, премина од ставот „уредите се одлични за учење“ до „забрана на уредите во образовниот систем“.
Оливер Вајман (Oliver Wyman) го произведува индексот Industry 5.0 кој споредува 92 земји според нивната подготвеност да имплементираат напредни технологии на начин што оди подалеку од продуктивноста и придонесува кон општествената благосостојба. Кога ќе се погледне каде се наоѓа Западен Балкан на тој индекс – во однос на талент, на одржливост и на дигитална отпорност – податоците испраќаат порака. Постои празнина што треба регионот да ја затвори за значајно да учествува во следната фаза на економски раст поттикнат од ВИ.
Индексот Industry 5.0 е фокусиран на тоа како да се искористи холистичката вредност на следниот бран технологии, односно ВИ и роботиката. Тој е инспириран од трите столба во дефиницијата на Европската комисија за концептот Industry 5.0: талент (човекоцентричност), одржливост и отпорност. Првиот столб значи дека новите технологии создаваат вредност за работниците и за потрошувачите, дека тие ја подобруваат, а не ја влошуваат отпорноста на економиите и дека придонесуваат кон поздрава планета.
Како регионот Адрија да ја фати следната индустриска револуција?
Генерално регионот е најсилен во компонентата талент, а има простор за напредок кај другите две компоненти. Доказ дека регионот може да ја подобри својата подготвеност за следната индустриска револуција е фактот што, по одделни показатели, постојат земји од регионот кои надминуваат многу земји од ЕУ. Зелените патенти на Србија се блиску до просекот на ЕУ. Северна Македонија троши повеќе за заштита на животната средина (како удел од БДП) од просекот на ЕУ. ИКТ-вештините на работоспособното население во Црна Гора се повисоки од просекот на ЕУ.
Каде се најголемите можности за земјите од регионот?
- Поголеми инвестиции во одржливи иновации.
- Зголемување на бројот на истражувачи и повисоки вложувања во истражување и во развој (R&D).
- Зајакнување на регулаторната рамка за максимизирање на безбедноста и за справување со технолошките ризици.
- Поттикнување инвестиции и основање технолошки компании базирани на овие нови технологии.
Во нашето истражување анализиравме што прават водечките земји, а дел од нивните активности се релевантни и за овој регион. Шведска формираше Национален центар за ВИ кој работи со приватниот сектор за доусовршување на работниците со ВИ-вештини. Јужна Кореја го усвои Основниот закон за ВИ за заштита од сајбер безбедносни закани и за промовирање одговорна ВИ.
Претстојната индустриска револуција може да донесе обострано поволен исход: приходи за компаниите, поголеми приходи и подобар квалитет на живот за луѓето и поздрава планета. Патот напред ќе зависи од храбрите инвестиции од бизнисите, од визионерските политики од владите и од адаптабилноста на работната сила. Можноста постои и регионот Адрија треба да ја искористи.
Дигитална и ВИ-трансформација: од амбиција до реализација
Значаен удел во дигиталната и во ВИ-трансформацијата игра и јавниот сектор. Во однос на дигиталната трансформација во јавниот сектор, во регионот постои јаз меѓу декларираните амбиции во областа на ВИ и нејзиниот оперативен капацитет тоа да го реализира. Се поставува прашањето: „Каде е тој јаз меѓу амбицијата и капацитетот најизразен на Западен Балкан и што навистина е потребно за тој да се затвори?“
За жал, јазот е најизразен уште во првиот чекор од патувањето на владината дигитална трансформација: намерата. Без амбициозна цел и посветеност од владините лидери, процесот не може ниту да започне. Ќе споделам пример за влада со силна намера. Сите ги познавате Обединетите Арапски Емирати како земја со едни од најголемите резерви на нафта во светот. Но, лидерите на ОАЕ се и меѓу најамбициозните во светот кога станува збор за дигитална трансформација. Минатата година тие поставија цел да создадат влада заснована на вештачка интелигенција („AI-native“) и оттогаш доследно ја спроведуваат таа намера преку распределба на ресурси, поставување и следење амбициозни цели, усогласување на целиот владин екосистем и на големите приватни компании кон таа цел, ангажирање на потребниот талент и експертиза, како и вклучување на усвојувањето на ВИ во системите за мерење на работната успешност на раководителите и на вработените.
На владите од Западен Балкан не им се потребни финансиските ресурси на една нафтено богата економија за да ја спроведат оваа трансформација. Постои блиска земја која има понизок доход од која било економија во Западен Балкан, а сепак е многу пред нив во дигиталната влада. Апликацијата Дија (Diia) на Украина, достапна за Украинците од 2020 година, нуди повеќе од 200 целосно дигитализирани владини услуги, вклучувајќи дигитален пасош и можност за отворање компанија за само неколку минути (800 000 компании се отворени преку апликацијата). Денес 8 од 10 Украинци ја користат апликацијата Дија. Во 2024 година, апликацијата се најде на листата на „Тајм“ за најголеми иновации, а Украина е рангирана како лидер на владини технолошки трансформации според индексот за зрелост на Програмата за владини технологии (GovTech) на Светска банка, како и според повеќе други индекси. Колку што ми е познато, ниедна земја од Западен Балкан не е блиску до тоа ниво.
Ова беше постигнато со правилна визија, со политичка волја и со посветено лидерство. Развојот беше целосно реализиран локално, а сите земји од Западен Балкан имаат силни локални технолошки компании со релевантни вештини. Оперативниот капацитет не е тесното грло, особено не денес, во ерата на ВИ, кога голем дел од развојот на софтвер се сведува на испраќање гласовни пораки со инструкции до разговорен агент (chatbot).
Јаз може исто така да се забележи и во приватниот сектор. Затворениот менталитет на бизнисите и недоволната свесност за тоа што се случува во глобалните центри кои се на самиот врв на технолошките иновации се најголемото тесно грло што го спречува денес регионот Адрија целосно да ја искористи можноста што ја носи ВИ. Многу сопственици на компании или извршни директори во регионот можеби никогаш не слушнале за отворената платформа за автономни вештачко интелигентни агенти (OpenClaw). Оваа ВИ-алатка, иако е стара само неколку месеци, извршниот директор на NVIDIA ја опиша како „најважното издание на софтвер, веројатно воопшто“. Чини само неколку евра месечно за користење – трошок што може да си го дозволи дури и најмалата компанија.
Токму начин на размислување насочен кон раст, како и отвореноста кон иновации и експериментирање ќе ја подигнат можноста што ја носи ВИ на следното ниво.
ВИ-центрите како столб на идниот економски развој
ВИ-центрите за податоци сè почесто се опишуваат како новите столбови на економскиот развој. Се поставува прашањето дали за помалите економии во регионот инвестициите во дигитална инфраструктура се реална економска стратегија и како треба да изгледаат условите за тоа.
Одговорот е „да“, но со едно важно појаснување. Во економијата на иднината, податоците се новата нафта, а центрите за податоци се новите индустрии за рафинирање и за дистрибуција на нафта и на нафтени производи. Дигиталната инфраструктура треба да биде столб на нивната економска стратегија. Тоа е реално од неколку причини. Прво, близината до клиентите. Второ, снабдувањето со електрична енергија е клучна суровина, а регионот ја има или може да ја има во изобилство. Трето, барањата за дигитален суверенитет.
Појаснувањето е следново: дигиталната инфраструктура не е трудоинтензивна, па затоа не го решава прашањето на вработувањето. Со оглед дека најголемиот дел од технологијата ќе биде увезен, а профитите репатрирани, директните економски придобивки ќе доаѓаат од изградбата, од исплатените плати, од потрошената енергија и од другите помошни услуги. Поголемата можност лежи во индиректните придобивки од создавање поширока технолошка економија. Затоа центрите за податоци не треба да се гледаат изолирано како единствен извор на економски развој.
Економија и бизнис, 01 јуни 2026








