Францускиот фонд за борба против корупција (FLCC), во соработка со Амбасадата на Франција во Република Северна Македонија и М6 Едукативен центар, успешно го организираа Форумот за деловен интегритет, кој обедини високи претставници на Владата, бизнис заедницата, клучните институции, меѓународните организации, академската заедница и граѓанското општество со цел унапредување на дијалогот за интегритетот, транспарентноста, отчетноста и борбата против корупција.
Под мотото “Деловен Интегритет Преку Јавно-Приватната Соработка“, Форумот испрати јасна порака дека корупцијата не може да се надмине само преку дејствување на институциите. Одржливиот напредок бара широка обединетост на Владата, бизнис секторот, академската заедница, граѓанското општество и меѓународните партнери, кои заеднички ќе придонесуваат за напредок на дијалогот за интегритет, транспарентност, отчетност и борба против корупцијата. Градењето доверба претставува основа на овој процес-доверба во институциите, доверба меѓу јавниот и приватниот сектор, довербата на граѓаните дека успехот се темели на знаење, труд и интегритет. Бидејќи без доверба нема силни институции, нема одржливи инвестиции, ниту долгорочен економски и општествен развој.
Во период кога Република Северна Македонија го забрзува процесот на европска интеграција, настојува да привлече поголеми инвестиции, да ја зајакне економската конкурентност и да го поттикне одржливиот развој, учесниците истакнаа дека интегритетот не треба да се гледа единствено како обврска за усогласеност, туку како стратешки двигател на економски раст, доверба на инвеститорите, институционалната доверба и долгорочниот просперитет.
Настанот го отвори г-ѓа Елена Младеновска Јеленковиќ, Главен извршен директор на М6 Едукативен центар, г-дин Стефан Андоновски, Министер за Дигитална трансформација, г-дин Кристофер Ле Риголер, амбасадор на Франција во Република Северна Македонија, г-дин Полин Жирар, Заменик директор за управување во Expertise France и г-дин Светозар Јаневски, Претседател на Управниот одбор на Винарија Тиквеш.
Преку четири тематски панели, учесниците разговараа за улогата на јавните институции во спречувањето на корупцијата, значењето на колективната акција помеѓу јавниот и
приватниот сектор, примената на меѓународните стандарди за усогласеност, како и практичните искуства на организации кои успешно воспоставиле системи за интегритет и управување со ризици.
Дискусиите беа насочени кон транспарентноста во јавните набавки, дигитализација на јавните услуги, заштитата на укажувачите, корпоративните програми за усогласеност, етичките и управувачките рамки како и имплементација на европските и меѓународните антикорупциски стандарди. Говорниците нагласија дека земјите со посилни системи на интегритет постигнуваат повисоко ниво на инвестиции, иновации, продуктивност и доверба во институциите.
Воедно, беше постигнат широк консензус дека корупцијата не претставува само предизвик за доброто владеење, туку и значителен економски и демографски проблем. Таа ја нарушува фер конкуренцијата, ги обесхрабрува домашните и странските инвестиции, ги зголемува деловните ризици, ја намалува ефикасноста на институциите и ги ограничува можностите за економски развој. Довербата кон системот се губи и младите се иселуваат.

Клучни заклучоци од Форумот
- Интегритетот е предуслов за економски раст
Деловниот интегритет и доброто управување повеќе не се избор, туку неопходна основа за привлекување квалитетни инвестиции, зајакнување на конкурентноста и продуктивноста како и поддршка на одржливиот економски развој.
- Јавно-приватна соработка е најефективниот механизам за борба против корупција
Ниту институциите, ниту приватниот сектор не можат самостојно успешно да се справат со корупцијата. Одржливите резултати бараат континуиран дијалог, заеднички иницијативи, размената на информации и координирана акција меѓу институциите, компаниите, академската заедница и граѓанското општество.
- Усогласеноста станува деловна неопходност
Со се поголема интеграција на компаниите во европските и глобалните синџири на вредност, усогласеноста со антикорупциските стандарди, ESG принципите, доброто корпоративно управување и транспарентноста станува предуслов за пристап до пазари, финансирање, партнерства и долгорочен раст. Во тој контекст, воведувањето на ISO 37001-меѓународниот стандард за системи за управување си спречување на поткуп, кој им помага на организациите да воспостават ефективни механизми за превенција, откривање и справување со ризиците од корупција. Неговата примена придонесува за поголема доверба кај инвеститорите и деловните партнери, ја зајакнува репутацијата на организациите и ја зголемува нивната конкурентноста на домашниот и меѓународниот пазар.
- Дигитализацијата значително ги намалува ризиците од корупција
Дигиталните јавни услуги, транспарентите системи на податоци, автоматизирани процедури и намалувањето на дискреционите одлуки можат значително да ја подобрат ефикасноста, транспарентноста и да ги намалат можностите за корупција.
- Културата е подеднакво важна како и регулативата
Законите и прописите се неопходни, но не се доволни. Одржливиот напредок бара градење култура на интегритет преку образование, лидерство, етичко однесување и отчетност на сите нивоа на општество.

Заклучоци и идни насоки
Учесниците идентификуваа неколку важни активности кои можат значително да го зајакнат националниот систем на интегритет и да го забрзаат напредокот во борбата против корупцијата:
- Зголемување на транспарентноста и отчетноста во јавните набавки
Јавните набавки остануваат една од областите најизложени на ризици од корупција. Поголема транспарентност, системи со отворени податоци, дигитални платформи и проактивно објавување на информации ќе го зајакнат јавниот надзор и ќе ги намалат можностите за злоупотреба.
- Забрзување на дигиталната трансформација на јавните услуги
Проширувањето на дигиталните јавни услуги ќе го намали административниот товар, ќе ја ограничи директната комуникација меѓу граѓаните и јавните службеници, ќе ја подобри ефикасноста и ќе ги намали ризиците од корупција.
- Зајакнување на механизмите за заштита на укажувачите
Ефикасните канали за пријавување и посилната заштита на лицата кои пријавуваат корупција се клучни за откривање и спречување на неетичките практики во јавниот и приватниот сектор.
- Воведување стандарди за интегритет и усогласеност во јавните институции
Јавните институции треба да воспостават системи за управување со интегритетот, проценка на ризици, механизми за спречување судир на интереси, етички кодекси и редовни обуки за усогласеност.
- Поддршка на програмите за интегритет и усогласеност во приватниот сектор
Владата може да ги поттикне компаниите да воведуваат системи за усогласеност, антикорупциски политики и меѓународни стандарди преку кампањи за подигнување на свеста, обуки, поттикнувачки мерки и јавно-приватни партнерства.
- Инвестирање во образованието за интегритет и развој на лидерство
Интегритетот треба да се гради уште од најрана возраст и да се зајакнува во текот на целата професионална кариера. Образовните институции, деловните асоцијации и јавните институции треба заеднички да ги интегрираат темите за етика, добро управување и борба против корупција во образовните програми.
- Зајакнување на институционална координација
Поефикасната соработка меѓу антикорупциските тела, регулаторните институции, органите за спроведување на законот, судството и приватниот сектор ќе придонесе за подобра превенција, откривање и санкционирање на корупцијата.
- Усогласување на реформите за интегритет со приоритетите на пристапување во ЕУ
Антикорупциските реформи не треба да се гледаат само како обврски во процесот на пристапување кон Европската Унија, туку како стратешки реформи што ги зајакнуваат
институциите, го подобруваат управувањето и ја зголемуваат привлечноста на земјите за инвестиции.

Поглед кон иднината
Форумот ја потврди посветеноста на Францускиот фонд за борба против корупција (FLCC), M6 Едукативен центар, Француската амбасада во Република Северна Македонија и сите учесници да продолжат активно да ги промовираат интегритетот, транспарентноста и одговорното деловно работење во Северна Македонија.
Учесниците се согласија дека градењето култура на интегритет е долгорочен процес кој бара лидерство, соработка и континуирана посветеност од сите општествени чинители. Преку зајакната соработка меѓу Владата, бизнис секторот, академската заедница и граѓанското општество, Северна Македонија може да изгради потранспарентна, поконкурентна и поотпорна економија, способна да привлече инвестиции, да поттикне иновации и да обезбеди одржлив просперитет за своите граѓани.
За Францускиот фонд за борба против корупција (FLCC)
Форумот беше организиран во рамките на регионалниот проект Францускиот фонд за борба против корупцијата (FLCC), финансиран од Француската агенција за развој (Agence Française de Développement (AFD), а имплементиран од Expertise France. Иницијативата ги поддржува напорите во земјите од Западен Балкан, со посебен фокус на Северна Македонија, Црна Гора и Молдавија, за зајакнување на интергритот, транспарентноста и антикорупциските практики преку соработка меѓу јавните институции, правниот сектор и граѓанското општество. Преку градење капацитети, размена на знаење, и промовирање на меѓународни стандарди, Францускиот фонд за борба против корупција- FLCC придонесува кон потранспарентно управување и поотпорно деловно опкружување во регионот.
За М6 Едукативен центар
М6 Едукативниот центар е водечка институција за едукација, развој на лидерство и долгорочно учење во Република Северна Македонија. Како центар што инспирира трансформација на поединци, компании и институции М6 создава современи едукативни програми, платформи за размена на знаење и стратешки партнерства со домашни и меѓународни експерти. Преку поврзување на бизнис заедницата, јавниот сектор и
меѓународните партнери М6 придонесува кон развој на човечкиот капитал, иновациите и конкурентност на македонската економија. М6 Едукативниот центар активно промовира одговорно лидерство, деловен интегритет и култура на континуирано учење како темели на одржливиот економски и општествен развој. М6 Едукативниот центар е доверлив партнер на компаниите и институциите ви градењето знаење, лидерски капацитети и организациска извонредност.








