ГЕРМАНСКИТЕ ЦЕНТРИ ЗА ПОДАТОЦИ ЌЕ ЈА ЗГОЛЕМАТ ПОТРОШУВАЧКАТА НА СТРУЈА ЗА ТРИПАТИ, инвестициите во центрите за податоци во текот на 2026 година ќе достигнат рекордни 23,5 милијарди евра

Потрошувачката на електрична енергија во германските центри за податоци може да се зголеми тројно до 2035 година.

Според податоците на „Битком“, германските центри за податоци и помалите ИТ системи ќе потрошат околу 23 милијарди киловат-часови електрична енергија оваа година.

Потрошувачката на електрична енергија во германските центри за податоци и помалите ИТ системи може да достигне помеѓу 56 и 70 милијарди киловат-часови годишно до 2035 година, поради забрзаниот развој на вештачката интелигенција и услугите во облак, предупреди денес германското здружение на дигитална индустрија „Битком“, нагласувајќи дека недоволниот капацитет на електричната мрежа и бавните процедури за издавање дозволи се зголемувачки пречки за развој на секторот.

Според податоците на „Битком“, германските центри за податоци и помалите ИТ системи ќе потрошат околу 23 милијарди киловат-часови електрична енергија во 2026 година, што одговара на годишната потрошувачка на приближно 6,5 милиони домаќинства.

До 2030 година, се очекува потрошувачката да порасне на помеѓу 35 и 38 милијарди киловат-часови, додека до 2035 година би можела да достигне дури и 70 милијарди киловат-часови, објавува Шпигел.

Претседателот на „Битком“ Ралф Винтергерст предупреди дека меѓународната конкуренција во областа на вештачката интелигенција е истовремено и конкуренција во компјутерските капацитети.

„Кој заостанува во развојот на инфраструктурата, брзо ќе изгуби чекор во областа на вештачката интелигенција“, рече Винтергерст на маргините на самитот за дигитализација на германската влада.

Битком повика на мерки за намалување на трошоците за електрична енергија, вклучително и намалување на даноците за електрична енергија или воведување посебна индустриска цена за центрите за податоци, како и забрзување на процедурите за планирање и издавање дозволи.

Директорот на секторот за одржлива дигитална инфраструктура во „Битком“, Килијан Вагнер, процени дека прашањето повеќе не е дали ќе се градат нови центри за податоци, туку каде ќе бидат лоцирани.

„Компаниите нема да ја одложат својата дигитална трансформација, ниту граѓаните ќе престанат да користат дигитални услуги само затоа што нема доволно центри за податоци во Германија. Во тој случај, само ќе станеме позависни од странските земји, каде што ќе се наоѓаат овие центри“, рече Вагнер.

Како што забележува Шпигел, главниот двигател на растот на потрошувачката на електрична енергија е сè поголемата примена на генеративната и индустриската вештачка интелигенција.

Се очекува учеството на вештачката интелигенција и суперкомпјутерските системи во вкупниот капацитет на германските центри за податоци да порасне од околу 20 проценти во 2026 година на 55 проценти до 2035 година.

Ова значи дека поврзаната моќност наменета за тие системи би можела да се зголеми речиси осум пати, од сегашните 670 на околу 5.300 мегавати.

Во исто време, инвестициите во германските центри за податоци во текот на 2026 година ќе достигнат рекордни 23,5 милијарди евра, што е за 57 проценти повеќе од претходната година.

Здружението, исто така, ги отфрли загриженостите за прекумерна потрошувачка на вода во центрите за податоци, наведувајќи дека 65 проценти од ваквите објекти во Германија трошат максимум 0,1 литри вода на киловат-час електрична енергија.

Позначајна потрошувачка на вода се јавува првенствено кај системите за испарувачко ладење, кои користат приближно една третина од германските центри за податоци, пренесува Политика.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано