Со француска поддршка ќе се зајакнуваат архивските служби на Македонската радио-телевизија (МРТ) за конзервирање на целокупниот аудио- и видеоматеријал. Станува збор за поголем проект во кој се вклучени радија и телевизии од регионот, меѓу кои и МРТ.
Конзервацијата на аудио- и видеоматеријалот на Македонската радио-телевизија е дел и од активностите предвидени со меморандумот за соработка, што денеска го потпишаа Министерството за култура и туризам и Амбасадата на Француската Република во Скопје.
– Со меморандумот големо значење се дава на дигитализацијата на аудиовизуелните и документарните архиви, како и на старите ракописи, за да се зачува колективната меморија и да ја направи достапна за идните генерации. Во таа насока, идната недела имаме важен состанок за еден проект, во кој ќе бидат вклучени МРТ и Францускиот државен аудиовизуелен центар за конзервација на целокупниот аудио- и видеоматеријал – рече францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер по потпишувањето.
Подетално за проектот информира директорот на Францускиот институт во Скопје, Грегоар Жислер.
– Станува збор за проект за зачувување на аудиовизуелните архиви. Проектот почна минатата година, во партнерство со Францускиот национален институт за адудиовизуелни архиви, во соработка со радија и телевизии од регионот, меѓу кои и МРТ. Се предвидува зајакнување на архивските служби на телевизиите од регионот за да може да го зачуваат целосното аудиовизуелно налседство – објасни Жислер
извор МИА








