Администрацијата на претседателот Доналд Трамп конечно објави голем број датотеки поврзани со вонземски живот и за неидентификувани летачки објекти (НЛО).
„Најновите видеа, фотографии и оригинални документи за неидентификувани аномални феномени од целата влада на Соединетите Американски Држави сега се на едно место – без потреба од безбедносна дозвола. Додека претходните администрации се обидуваа да го дискредитираат или обесхрабрат американскиот народ, претседателот Трамп е фокусиран на обезбедување максимална транспарентност за јавноста, која на крајот може да извлече свои заклучоци за информациите содржани во овие датотеки“, изјавија од Белата куќа за Фокс њуз.
Фотографиите од првата серија објавени материјали, за кои функционер од Белата куќа изјави за Фокс њуз дека се само првиот дел од идните објави, покажуваат чудно обликувани објекти снимени за време на вселенските мисии Аполо 12 и Аполо 17.
Наводно, една фотографија направена од површината на Месечината покажува група од три мали точки на небото.
Исто така, беше објавен транскрипт од комуникацијата меѓу операторите на мисијата Аполо 17 за непознатиот феномен.
• „Сега имаме неколку многу светли честички или фрагменти или нешто што поминува покрај нас додека маневрираме“, му рекол еден оператор на командниот центар.
• „Разбрав“, одговорил центарот.
• „Има цела група големи објекти долу на мојот прозорец – тие се многу светли. Низ прозорецот на Рон изгледа како огномет“, додаде друг оператор.
• „Да. Сега можете да ја видите и нивната форма. Тие се многу назабени, аголни, ротирачки фрагменти“, рекол првиот оператор.
Две фотографии од објавените материјали доаѓаат од архивите на ФБИ и покажуваат неидентификувани аномални феномени на снимки заедно со американски авиони за време на новогодишната ноќ 1999 година, пренесуваат медиумите во светот.








