Финансиската писменост како чекор кон поголема самостојност иинклузија

Во време кога финансиската писменост станува сè поважна животна вештина, особено значајно е таа да биде достапна и за оние кои најчесто остануваат надвор од ваквите образовни процеси. Токму затоа, во рамки на проектот „Beyond Digits: Co-productive Financial Education“, во Македонија успешно беше реализирана пилот програма за финансиска писменост наменета за невродивергентни деца, млади и возрасни и лица со попреченост.

Во периодот февруари – март 2026 година, во неколку институции во Битола и Скопје, беа опфатени вкупно 46 учесници кои преку практични и интерактивни активности учеа за управување со пари, буџетирање, штедење и носење финансиски одлуки во секојдневниот живот. Програмата покажа дека кога учењето е практично, прилагодено и блиско до реалните животни ситуации, учесниците не само што полесно ги усвојуваат новите знаења, туку стекнуваат и поголема сигурност, мотивација и желба за самостојност.

Пилот обуките ги реализираа три специјални едукаторки и рехабилитаторки од Македонија: Данче Тодоровска од Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“, Марија Ангелин од ОУРЦ „Кочо Рацин“ – Битола и м-р Маре Стојменовска Мицевска од ООУ „Коле Канински“ – Битола. Низ својата работа тие покажаа колку емпатијата, трпението и посветеноста можат да направат вистинска разлика во процесот на учење и развој на учесниците.

Данче Тодоровска Специјален едукатор и рехабилитатор, Здружение за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ „Малите успеси се најголемата промена“

Данче Тодоровска, која веќе 11 години работи како специјален едукатор, истакнува дека најголемата вредност на ваквите програми е можноста децата да станат посамостојни и посигурни во себе. Според неа, финансиската писменост е особено важна за лицата со невродиверзитет, бидејќи претставува вештина што директно ги подготвува за независен живот и идно вработување. Во текот на обуките, учесниците најлесно ги совладале препознавањето на парите и планирањето средства за конкретна активност, а преку практичните задачи започнале подобро да ја разбираат поврзаноста помеѓу финансиските вештини и секојдневното функционирање.

„За мене, успех е кога детето ќе стане посамостојно, посигурно во себе и кога ќе успее да го примени наученото во секојдневниот живот“, вели Тодоровска.

Марија Ангелин Специјален едукатор и рехабилитатор во ОУРЦ “Кочо Рацин,, – Битола „Финансиската писменост е предуслов за вклучување во заедницата“

Марија Ангелин, специјален едукатор и рехабилитатор во ОУРЦ „Кочо Рацин“ – Битола, која има околу седум години професионално искуство во работа со деца и млади со попреченост, нагласува дека финансиската писменост многу често е занемарена, иако е од исклучително значење за самостојноста и за вклучувањето во заедницата. Таа ја препознала програмата како нешто поинакво, практично и мотивирачко, што им помага на учениците преку игра и искуство да ги разберат парите, штедењето и одговорното користење на ресурсите.

За време на работилниците, особено ја допреле моментите кога учениците со голем ентузијазам се внесувале во улоги како продавачи, банкари и касиери, а некои од нив дури и изразиле желба еден ден да работат токму таква професија.

„Финансиската писменост е област која најчесто се занемарува, а е од исклучително значење за нивната самостојност и вклучување во заедницата“, истакнува Ангелин.

м-р Маре Стојменовска Мицевска Специјален едукатор и рехабилитатор и дипл. логопед, ООУ „Коле Канински“ – Битола

м-р Маре Стојменовска Мицевска, специјален едукатор и рехабилитатор и дипломиран логопед од ООУ „Коле Канински“ – Битола, веќе 24 години активно работи со лица со попреченост. Таа вели дека никогаш не се покајала за изборот на професијата, затоа што радоста од секој, дури и најмал напредок, претставува потврда за значењето на нејзината работа.

Нејзината мотивација да се вклучи во програмата произлегла од уверувањето дека финансиската писменост е тема што сè уште е недоволно застапена кај оваа целна група, а воедно нуди можност за ново и практично искуство и за учениците и за едукаторите. Во текот на пилотирањето, особено ја допреле реакциите на учениците со физичка попреченост, кои за првпат имале можност да работат на лаптоп и да бидат прашани како би ги потрошиле своите пари.

„Лицата со попреченост често знаат пријатно да изненадат со своите способности. Потребно е само да им се даде шанса да го покажат својот потенцијал“, вели Стојменовска Мицевска.

Резултатите од пилот програмата покажаа дека кога финансиската писменост се учи преку практични и прилагодени активности, учесниците брзо напредуваат. Едукаторките забележале значително поголема сигурност кај учесниците во препознавање пари, разбирање буџет, штедење и носење одлуки при купување. За многумина, ова бил прв важен чекор кон поголема самостојност и активно учество во секојдневниот живот.

Особено успешни биле практичните мини-игри, каде учесниците со ентузијазам се внесувале во различни улоги и покажале интерес за професии поврзани со финансии и услуги. По завршувањето на обуките, дел од нив изразиле поголема самодоверба да купуваат самостојно, да пребројуваат пари, да читаат фискални сметки и да штедат за сопствени цели.

Пилот програмата за финансиска писменост е дел од проектот „Beyond Digits: Co-productive Financial Education“, кофинансиран од Еразмус+ програмата на Европската Унија. Во Македонија, програмата ја спроведе ЦЕФЕ Македонија заедно со партнерите PLOES од Грција, PRISMS од Малта, EASPD од Белгија, Omega Technology од Грција, PsPc од Литванија и KI-I од Австрија.

Целта на проектот е да се развијат и тестираат инклузивни методи и алатки за финансиска едукација на невродивергентни млади и возрасни и лица со попреченост, со што финансиската писменост ќе стане подостапна, поразбирлива и поприменлива за сите.

Повеќе од истиот автор

Најчитано