Креативниот хаб во Подгорица на едно место обедини борци за човекови права, новинари, креатори на содржини, уметници, млади активисти и претставници на делегациите на ЕУ од целиот регион, со цел европските вредности да добијат конкретно лице и глас. Преку овој втор креативен хаб, кампањата „ЕУ со тебе“, која е дел од проектот WeBalkans на Генералниот директорат за проширување и источно соседство на Европската комисија, потврди дека преку конкретните примери и човечките приказни на најдобар начин можат да се пренесат вредностите на Европската Унија и нејзиниот придонес за Западен Балкан.
Ралука Костаке, која раководи со прграмата Webalkans, на отворањето на настанот порача дека е важно оснoвните вредности на ЕУ да се преточат во реални приказни, во чиј фокус се луѓето. Целта, како што објасни, не е само јавноста да се информира за тоа што финансира ЕУ, туку и да се покаже како европската поддршка го менува секојдневието на граѓаните, создава нови можности и ги зајакнува заедниците.
„Највпечатливите приказни за поддршката од Европската Унија се раѓаат таму каде што основните права се испреплетуваат со секојдневниот живот. Тие покажуваат што се променило, кој ги почувствувал придобивките и зошто тоа е важно“, рече Костаке.
Основните вредности на Европската Унија, кои имаат клучна улога во реформите и процесот на пристапување кон ЕУ, се човековото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста, владеењето на правото и човековите права. Црногорскиот писател и колумнист Брано Мандиќ, преку инспиративно обраќање, даде свој препознатлив поглед на овие вредности.
„Слободата на изразување не е нешто што нѝ е дадено еднаш засекогаш. Таа не е едноставно запишана на хартија. Напротив, таа е многу променлива и нестабилна. Во еден момент мислевме дека дошол крајот на историјата. Се покажа дека таквата проценка била донекаде избрзана. Мислам дека денес повторно сме во центарот на историските случувања“, рече Мандиќ.
Програмата продолжи со неколку панел дискусии, во кои се говореше за европските вредности низ призма на придобивките за луѓето и поттикнувањето напредок во регионот.
Суад Скендери, програмски менаџер во невладината организација „Ромалитико“ од Северна Македонија, испрати силна порака за важноста на вклучувањето на Ромите и Ромките во општеството. Тој нагласи дека успехот не треба да се мери преку бројот на усвоени политики или финансирани проекти, туку според конкретните подобрувања во животот на луѓето.
„На крајот на денот, промената ја препознаваме кога ќе видиме дека нашиот сосед или нашето соседство се промениле, кога луѓето што ги сакаме и за кои се грижиме живеат подобро, имаат еднакви можности и се третирани достоинствено“, заклучи Скендери.
Ања Баша, од Албанската група за човекови права, истакна дека нејзината организација со години работи не само на правно застапување на граѓаните, туку и на градење мост меѓу нив и институциите.
„Поголем дел од финансиската поддршка на ЕУ може да се насочи кон организациите што работат директно со локалните заедници, и кои имаат поголемо разбирање за тоа како проектите се поврзани со реалните потреби на терен“, рече Баша.
На темата финансирање се осврна и Булза Каприќи од Фондацијата за граѓанско општество од Косово, која посочи дека е погрешно уверувањето дека на граѓанските организации им се потребни само финансиски средства. „Потребни им се и знаење и вештини за тие средства да ги искористат на вистинскиот начин“.
Бранко Чечен, новинар и поранешен директор на Центарот за истражувачко новинарство на Србија, говореше за новите генерации новинари кои го градат својот професионален пат во медиумите, како и за младите луѓе во регионот кои стануваат сè поорганизирани и погласни во изразувањето на политичките барања.
„Преку долгогодишната работа и илјадниците проекти кои не само што ги финансираше, туку и помогна да се развијат од нејзините идеи, Европската Унија нѝ помогна како општество да израснеме генерација млади кои ја презедоа одговорноста да го обликуваат јавниот дискурс и да го насочат кон социјална правда и вклученост на сите“, рече Чечен.
Со сличен став се надоврза и Слободан Благовчанин од Босна и Херцеговина, кој истакна дека младите денес знаат како да ги проверуваат информациите. „Не треба да ја потценуваме нивната способност критички да го проценуваат тоа што го гледаат“, рече Благовчанин. Говорејќи за поддршката на ЕУ за граѓанското општество и медиумите, тој додаде: „Треба да ги поддржиме младите кои се подготвени јавно да го искажат својот став, а да им дадеме уште посилна поддршка на новинарите кои имаат храброст да истражуваат и да откриваат неправилности“.
Чечен и неговиот колега Илир Гаши, новинар и медиумски консултант ја одржаа работилницата „Медиумите на иднината: Краток курс за реосмислување на комуникацијата“, преку која ги поттикнаа учесниците да креираат оригинални комуникациски пристапи и сосема нови форми на медиуми.
Вториот ден од креативниот хаб беше посветен на развивање приказни од новинарите и креаторите на содржини од целиот регион, заедно со младите европски амбасадори од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија.
Во наредните денови, традиционалните и новите медиуми низ регионот ќе објават бројни приказни, интервјуа и репортажи создадени за време на дводневниот настан, како дел од кампањата „ЕУ со тебе“.








