Долгометражниот документарен филм „Добри луѓе“ на Милчо Манчевски ќе има светска премиера на Сараевскиот филмски фестивал на 16 август.
„Како беспоштедна, но воздржана медитација за тагата, борбата за опстанок и човечката солидарност, ‘Добри луѓе’ зборува за пожарот во дискотеката ‘Пулс’ во Кочани на 16 март 2025, кога загинаа 63 млади луѓе. Филмот им дава платформа на преживеаните и на тивките херои. Тие не се симболи, туку луѓе – ранливи, но силни, издржливи и длабоко реални. ’Добри луѓе’ ќе се натпреварува во Официјалната селекција за награди на фестивалот, којшто е најреномиран во Југоисточна Европа, се наведува меѓудругото во соопштението.
„Добри луѓе“ користи минимална естетика на воздржан филмски јазик. Овој аскетски филм, се вели, не интерпретира и не суди, туку слуша.
– Мојата прва мисла беше за жртвите, преживеаните и хероите, за тоа како никој од нас не може целосно да ја почувствува големината на оваа болка. Сакав да ги слушнеме најзасегнатите, да им дадам глас на добрите луѓе. Почнавме да ги снимаме уште веднаш, само еден месец по трагедијата. Тоа беше најмалку што можевме да понудиме како знак на огромна почит и солидарност. Овој филм е нивен. Ние бевме таму само за да дадеме поддршка, да ги пренесеме нивните зборови, мисли, искуства и емоции. Како филмаџии, ние сме школувани да работиме со материјалот, да го водиме, да го вајаме, но јас решив дека нашата работа во овој филм ќе биде да се повлечеме во втор план. Дискретно ја обликувавме приказната за таа трагична ноќ, без какви било одвишни синеастички интервенции. Оваа спартанска, минималистичка техника е нешто што го доближува гледачот до доживеаното искуство. Овој филм е како книга – зборовите се многу важни. Една од пораките е да бидеме подобри едни кон други, да го препознаеме доброто во луѓето со кои живееме. Им должиме голема благодарност и на „Сапорт Кочани“ (Support Kochani), кои ѝ помагаат на заедницата и многу ни помогнаа во реализацијата на овој филм, истакна Манчевски.
Бидејќи овој филм ја почитува вистината на преживеаното искуство и изговорениот збор во неговата најсирова форма, централното место му припаѓа на сведоштвото – на личното доверување, на непосредното присуство, коешто не може да биде заменето или реконструирано.
„’Добри луѓе’ е интимно и суштинско продолжение на авторскиот интерес на Манчевски за односот меѓу личната трагедија и колективната памет. Тука тој се одлучува за радикално минималистичка форма“, се додава во известувањето.
Монтажер на филмот е Мишко Чунихин, директор на фотографијата е Иван Ивановски, автор на музиката – Игор Василев Новоградска, а извршни продуценти се Татјана Ќурчинска-Пепељугоска и Лудовико Кантисани. Филмот е реализиран со приватни средства на Милчо Манчевски преку „Банана филм“, без да се бара учество на Агенцијата за филм, а во соработка и со поддршка на „Сапорт Кочани“.
Дистрибутерите, продуцентите и режисерот се откажаа од паричната добивка и целиот приход е наменет за жртвите во Кочани.
Извор МИА
Фото Економија и бизнис








