До 15 јуни производителите на вино можат да аплицираат за финансиска поддршка на инвестициите. Ова го овозможуваат законските измени кои вчера стапија во сила, а денеска беа промовирани пред претставниците на винариите. Лимитот на поддршката е до еден милион евра во наредните пет години.
-Ова е историски ден за Македонија, бидејќи прв пат откако постои Законот за финансиска поддршка на инвестициите, производителите на вино во рефус или винариите имаат можност да аплицираат и да користат финансиска помош од страна на државата. Тие досега беа исклучени со стариот Закон како акцизна стока, меѓутоа акцизата е 0 проценти. Имајќи предвид дека производството на вино е стратешка култура и бренд на Македонија надвор од земјава и секаде на светските пазари, Владата и премиерот оценија дека би било добро државата да придонесе со ваква финансиска поддршка, да ги поддржиме винските компании во Македонија да произведуваат подобро, поквалитетно и поконкурентно вино за домашниот и светскиот пазар, изјави заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.
Со измените, покрај тоа што се опфатени винариите, продолжен е и рокот за аплицирање.
-Ова е сторено во интерес на винариите и сите производни капацитети во Македонија кои треба да ги искористат финансиските средства предвидени со Законот за финансиска поддршка на инвестициите. Досега рокот беше до 31 мај, но со измените е продолжен до 15 јуни. Значи, ќе можат да аплицираат до 15 јуни. Сакам да ги повикам сите производни компании, производители на вино во Македонија, да ја посетат веб-страницата на Министерството за економија и труд, да ги подготват документациите и доколку нивните документации се комплетни, да влезат во процедура за доделување средства за поддршка на нивните инвестиции, истакна заменик-министерот.
Директорката на здружението „Вина од Македонија“, Елена Младеновска – Јеленковиќ рече дека и покрај максималните напори за промоција на македонското вино, неопходна беше вистинска поддршка за винариите.
-Се обидуваме да го промовираме македонското вино во светот преку организација на различни настани, саеми, Светскиот ден на вранецот,…, носиме новинари тука, го промовираме македонското вино. Но, секогаш ни недостигаше некоја вистинска поддршка на винариите – поддршка да инвестираат, да се развиваат, да воведуваат стандарди. По неколку години, можам да кажам и преговори, лобирање и обиди некоја од владите претходно да го разбере овој проблем, конечно успеавме заедно со Министерството за економија да го промениме Законот за стратешки инвестиции кој, за жал, ги обесправуваше винариите. Не можеа да ги искористат овие средства и да вложуваат во развојот. Вчера во Службен весник излезе таа измена. Тоа е само една мала реченица што беше ставена во Законот, меѓутоа за винскиот сектор многу значајна – да може да ги искористи средствата, бидејќи виното е стратешки производ на оваа држава. Со големо задоволство најавувам и се надевам дека винариите во следниот период ќе се охрабрат и ќе инвестираат во своите производни капацитети, потенцира Младеновска – Јеленковиќ.
Извор МИА
Фото Економија и бизнис








