Директна авиолинија Анкара-Скопје и карго железничко поврзување договори вицепремиерот Николоски со турските министри Болат и Уралоглу

Успешните средби што денеска ги имав со турскиот министер за трговија Омер Болат и министерот за транспорт Абдулкадир Уралоглу, резултураа со договори за воспоставување на директна авиолинија Анкара-Скопје и карго железничко поврзување меѓу двете земји, објави на својот фејсбук профил вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Средбите се одржаа во рамики на на македонско-турскиот бизнис-форум што денеска се одржува во Истанбул. 

Министерот за трговија на Турција, пак, на социјалната мрежа „Х“ ја објави информацијата за новата авиолинија и карго железничкото поврзување и напиша дека двете земји продолжуваат да работат кон остварување на целта за билатерална трговска размена од 2 милијарди долари.

-По повод Турско–Македонскиот бизнис форум, заедно со нашиот министер за транспорт и инфраструктура Абдулкадир Уралоглу остваривме средба со заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт на Република Северна Македонија Александар Николоски. На средбата се согласивме дополнително да ја зајакнеме нашата соработка во областите на транспортот, логистиката, цивилното воздухопловство и железничкиот сообраќај. Веруваме дека директните летови на „AJet“ на релација Анкара–Скопје, како и железничката соработка меѓу TЦДД и МЖ Инфраструктура ќе дадат значаен придонес за трговијата, инвестициите и поврзаноста меѓу нашите земји, напиша турскиот министер за трговија Омер Болат.

Во согласност со визијата на претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган, за силна регионална соработка и економска интеграција, стои во објавата, со решителност продолжуваме да работиме кон остварување на целта за билатерална трговска размена од 2 милијарди долари.

-Во наредниот период ќе продолжиме да ги зајакнуваме транспортните коридори и да ги поддржуваме активностите на турските компании во Северна Македонија, придонесувајќи за поврзаноста, просперитетот и заедничкиот развој на Балканот. Длабоките пријателски и братски врски меѓу нашите земји ќе стануваат уште посилни преку новите проекти што ќе се реализираат во областа на трговијата и инвестициите – посочи министерот Болат.

извор МИА

Повеќе од истиот автор

Најчитано