ДЕСЕТ ПАЦИЕНТИ СО ЗАПАДНОНИЛСКА ТРЕСКА, ТРОЈЦА СЕ ВО КРИТИЧНА СОСТОЈБА

Министерството за здравство информира дека епидемиолошката состојба во Гостивар бележи значително подобрување, со континуирано намалување на бројот на пациенти што побарале медицинска помош.

Во текот на вчерашниот ден во Општата болница и во Здравствениот дом во Гостивар биле извршени вкупно 36 прегледи, што е за 37 помалку во споредба со претходниот ден, кога биле регистрирани 73 прегледи. Во моментот во болницата се хоспитализирани четири пациенти.

Од почетокот на следењето во двете здравствени установи се извршени вкупно 4.483 први прегледи.

Во меѓувреме, заклучно со 30 јули 2026 година, во државата се потврдени вкупно 13 случаи на западнонилска треска. На Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби хоспитализирани се 10 пациенти со потврдена инфекција, од кои тројца се во критична здравствена состојба.

Поради актуелната епидемиолошка состојба и врз основа на стручната процена на ризик, Министерството за здравство го задолжи Центарот за јавно здравје – Скопје да спроведе дополнителна терестичка, односно земјена адултицидна дезинсекција против комарци. Вонредниот третман беше спроведен во текот на ноќта како дополнителна превентивна мерка за намалување на ризикот од ширење на инфекцијата.

Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје, центрите за јавно здравје и здравствените установи остануваат во постојана координација и навремено ќе ја информираат јавноста за сите нови сознанија и преземени активности. 


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано