Општина Гевгелија и Пчеларската федерација на Македонија, под мотото „Биди дел од решението за одржлива иднина“, утре симболично ќе го почнат одбележувањето на Светскиот ден на пчелата, 20 Мај. Тие, со поддршка на Амбасадата и Министерството за надворешни и европски работи на Република Словенија, како и на АДРА Македонија, организираат Недела на пчелата – манифестација што предвидува низа активности за подигнување на еколошката свест.
Годинашната прослава е фокусирана на зачувување на автохтоната македонска медоносна пчела (Apis mellifera macedonica), која, според Пчеларската федерација, претставува непроценливо национално природно богатство.
-Изборот на Гевгелија за домаќин не е случаен – ова е регион со исклучителни климатски услови, богата вегетација и длабока пчеларска традиција која го поврзува човекот со природата низ вековите. Како јужна порта на Македонија, Гевгелија е вистинското место од каде ќе се испрати силна порака до целиот регион и пошироко за значењето на природата и опстанокот на пчелите, наведуваат организаторите.
Според агендата за Денот на пчелата, планирана е посета на Апитуристичкиот центар „Ристо Алчинов“ во Мрзенци кој претставува пример за модерното пчеларство и потенцијал за развој на апитуризмот во Македонија. Гостите ќе можат одблизу да се запознаат со процесот на производство на мед и благодетите од пчелите и пчелните производи. Централниот настан почнува во 10:30 часот, а ќе се одржи на плоштадот во Гевгелија, каде се очекува учество на граѓани, деца и пчелари од сите здруженија во состав на Пчеларската федерација на Македонија.
Покрај официјални обраќања за значењето на меѓународната соработка за заштита на биолошката разновидност, ќе има и културно-уметничка програма. Ќе настапат КУД „Бојмија“ и најмладите таленти од детскиот фестивал „Калинка“, заедно со бројни ученици од основните училишта и градинките од општина Гевгелија.
Во рамки на програмата ќе бидат доделени наградите за најдобрите творби од ликовниот конкурс на тема пчеларство, а ќе бидат објавени и добитниците од онлајн наградната игра организирана од страна на Амбасадата на Словенија посветена на пчелите и опрашувачите.
Планирани се и Масовен симболичен чин „Сите сме дел од еден лет“, со учество на деца од различни категории кои ќе формираат „жив рој“ на плоштадот, „Медена пошта“ и „Медена заклетва“ – интерактивни точки каде најмладите ќе ветат вечна заштита на природата, како и промоција и дегустација за посетителите кои ќе имаат можност да дегустираат врвен македонски мед и да ги посетат штандовите на пчеларските здруженија од целата држава.
-Пчелите се клучни за опстанокот на нашиот екосистем. Преку мотото „Биди дел од решението за одржлива иднина“, организаторите и поддржувачите сакаат да испратат порака дека секој поединец, секоја институција и секоја држава има одговорност во зачувувањето на пчелите. Искуството од Словенија, како лидер во глобалната иницијатива за Светскиот ден на пчелата, во комбинација со македонската посветеност на Apis mellifera macedonica, создава синергија која ветува подобра и позелена иднина, истакнуваат од Пчеларскиот сојуз.
Извор МИА
Фото Економија и бизнис








