ЦЕФ ГО ОДОБРИ ПЛАНОТ ЗА ПОДДРШКА НА ПОСИЛНИ ЈАВНИ ИНСТИТУЦИИ И РЕФОРМИ, досегашната поддршка за реформи во Македонија се поврзани со зелената транзиција, што вклучува инвестиции од 1,2 милијарди евра во обновливи извори на енергија и отворање до 6.000 нови работни места

Управниот одбор на ЦЕФ (CEF), под претседавање на Романија, го одобри работниот план за 2027 година, со што се поставува рамката за континуирана поддршка од страна на ЦЕФ за јавните институции низ Југоисточна и Источна Европа. Планот ќе ја насочува поддршката за институционалните капацитети и реформите во управувањето со јавните финансии и централното банкарство, вклучително и во контекст на зелената и дигиталната транзиција, истовремено зајакнувајќи го стратешкото раководење и институционалното учење како клучни предуслови за ефективни реформи и напредок кон европска интеграција.

Управниот одбор на ЦЕФ се состана во Букурешт, додека се одбележува 25 години од своето работење. Одборот ја усвои Работната програма за 2027 година, дефинирајќи ја насоката за понатамошна поддршка на ЦЕФ за неговите членки, како и за неговата одржливост.

Планот се фокусира на зајакнување на капацитетите на јавните службеници во областите: управување со јавните финансии, централно банкарство, стратешко раководење и институционално учење, вклучително и капацитетите неопходни за зелената и дигиталната транзиција. Збирно, овие вештини им овозможуваат на институциите да ги предводат и одржуваат реформите, да ја зајакнат својата отпорност и да напредуваат кон европска интеграција.

Заедно со директорот на новиот Технички центар на ММФ за Југоисточна Европа (SEETAC), Одборот исто така разгледа можности за партнерство помеѓу ЦЕФ и SEETAC на ММФ. Ова партнерство се темели на заеднички приоритети и комплементарна експертиза, со цел да се зајакне поддршката за јавните институции и реформите низ целиот регион.

Управниот одбор е составен од министри за финансии и гувернери на централните банки на земјите-членки, како и двајца претставници на Советодавниот одбор; тој претставува централно тело за донесување одлуки во рамките на ЦЕФ.

Мугур Исареску, гувернер на Националната банка на Романија и претседател на Управниот одбор, по овој повод истакна: „Партнерството помеѓу ЦЕФ (CEF) и институциите-членки ја нагласува вредноста на акумулираната експертиза во справувањето со заедничките регионални предизвици, земајќи ги предвид специфичните околности на секоја земја. Со оглед на овие фактори, потребно е да се зајакне континуитетот во работењето на ЦЕФ. Ова важи и за соработката на Романија со ЦЕФ, која придонесе за професионален развој преку регионални иницијативи, одразувајќи ја посветеноста кон градење институционални капацитети и унапредување на соработката помеѓу јавните администрации и централните банки.“

Во текот на повеќе од четврт век постоење, ЦЕФ прерасна од регионална непрофитна иницијатива во меѓународна организација од јавното право, давајќи поддршка на стотици институции и повеќе од 30.000 јавни службеници. Влијанието на поддржаните реформи се огледа во:

•     Поддршка за реформи поврзани со зелената транзиција во Северна Македонија, што вклучува инвестиции од 1,2 милијарди евра во обновливи извори на енергија и отворање до 6.000 нови работни места;

•     Спроведување реформи во Албанија, поврзани со инвестиции од 914 милиони евра во одржлива енергија;

•     Поддршка за Црна Гора во реформите што придонесоа за привремено затворање на Поглавјето 32 од правото на ЕУ, кое се однесува на финансиската контрола;

•     Зајакнување на системите за управување со јавните финансии, дигитализација на јавните услуги и поефикасно управување со јавните инвестиции низ целиот регион.

„Европската интеграција и одржливиот напредок се постигнуваат преку стручни луѓе и силни институции. Веќе 25 години, ЦЕФ делува како доверлив партнер на владите во преточувањето на политичките заложби во мерливи резултати. Програмата за работа за 2027 година го засилува нашиот фокус врз клучните области од јавните политики, кои се од суштинско значење за членството во ЕУ“, истакна директорката на ЦЕФ, Јана Репаншек.

Состанокот во Букурешт ја потврди заедничката посветеност на земјите-членки кон тесна соработка, размена на добри практики и континуирано вложување во човечкиот капитал во јавниот сектор, се вели во соопштението на ЦЕФ.


Фото ЦЕФ

Повеќе од истиот автор

Најчитано