Библиотеката „Илинден“ ги награди најдобрите матуранти од Делчево

Јавната локална библиотека „Илинден“ од Делчево и оваа година ја продолжи својата традиција на поддршка и поттикнување на младите успешни ученици, подарувајќи книги на десетте најдобри матуранти од СОУ „Методи Митевски-Брицо“.

Од библиотеката истакнаа дека книгата е најубавиот подарок за оние кои со знаење, труд и посветеност ги остваруваат своите цели, а овој гест претставува признание за постигнатиот успех, истрајноста и љубовта кон знаењето што ја покажале матурантите во текот на своето образование.

– Им честитаме на учениците за постигнатите резултати и им посакуваме многу успех на патот што е пред нив. Нека книгите и понатаму бидат нивни верни сопатници во учењето, личниот развој и исполнувањето на нивните соништа, порачаа од библиотеката.

Како што посочија, станува збор за генерација млади луѓе кои со континуирана работа, одговорност и желба за напредок успеале да остварат значајни успеси, потврдувајќи дека вложувањето во образованието е сигурен пат кон личен и професионален развој. 

-Со овој симболичен подарок библиотеката сака да ја нагласи важноста на читањето и книгата како трајни вредности кои придонесуваат за проширување на знаењата, развој на критичкото размислување и градење успешни и општествено одговорни личности, додадоа од ЈЛБ Илинден. 

Награди традиционално библиотеката ќе додели и на најдобрите полуматуранти од Делчево. 


Извор/фото МИА

Повеќе од истиот автор

Најчитано